Ковачевски за МИА: “Не сум дојден да убедувам некого за нешто, сите имаат одговорност за одлуките што се носат“

 Јас не сум политичар којшто е дојден да убедува или да разубедува некого за нешто, бидејќи сите треба да имаат јасна визија и одговорност во однос на одлуките коишто треба да се носат, истакнува премиерот Димитар Ковачевски во интервју за МИА, изразувајќи надеж оти и во опозицијата постои демократски капацитет, постојат луѓе коишто веруваат во европската иднина на државата.

– Постојат одлуки коишто се стратешки за државата, коишто сите политички партии треба да ги поддржат. Тоа низ примери на други држави е многу јасно направено во минатото. Еве да го земеме само примерот на Хрватска, или да го земеме примерот на Словенија коишто исто така носеа стратешки одлуки со широк државен консензус којшто не биле дел од дневната политичка дебата којапшто се водела во тие општества и затоа брзо и квалитетно пристапиле кон Европската унија, вели премиерот.

Тој посочува дека уставните измени се процес којшто е пропишан согласно со Закон и Устав во нашата држава и дека сите треба да учествуваат во носењето на овие одлуки, вклучително и опозицијата.

– Во рамки на Министерството за правда е формирана работна грпа за уставни измени во која што ќе учествуваат експерти по уставно право, меѓутоа во која што ќе бидат повикани и експерти од опозициските партии да земат учество исто како што на првиот ден од отпочнување на преговорите во првата фаза на скринингот беа повикани претставници од опозицијата да учествуваат во сите работни групи, истакна премиерот Ковачевски.

Тој посочува дека не е доволно само декларативно да се поддржува одредена цел, туку треба со чекори, со одлуки, со одлучност да се настапи и да се обезбеди европска иднина за сите наши граѓани.

Како што изјави премиерот Ковачевски, Советот за стабилизација и асоцијација на вчерашниот состанок во Скопје испрати многу јасни пораки за тоа дека нашата држава напредува во процесот на европските интеграции.

– Секако дека секоја држава која што пристапува кон Европската унија на тој пат има обврски коишто треба да ги исполни. Една од обврските која што е пред нас е секако усвојување на уставните амандмани коишто се дел од преговарачката рамка и коишто се само една од одлуките коишто треба да се носат со две третини во Собранието. Пред нас ќе има и други одлуки коишто се носат со две третини во Собранието, а тоа се однесува на реформи во владеење на правото, реформи во владеењето на демократските институции, реформи на јавната администрација, како и Акцискиот план за унапредување на малцинските права коишто и во моментов кај нас е на највисоко можно ниво споредувано со која било друга држава во Европа, рече Ковачевски.

Осврнувајќи се на денешниот дијалог на високо ниво за нормализација на односите меѓу Белград-Приштина, Ковачевски потенцира дека тоа што е  домаќин на ваков собир на е најголема потврда дека Северна Македонија во овој момент е фактор на стабилност на Балканот и тоа го потврдивме преку нашето зачленување во НАТО, преку отворањето на преговорите со Европската унија и преку тоа што нашата држава во веројатно најтешката година за Европа после Втората Светска војна е земја претседавач со ОБСЕ, најголемата регионална безбедносна организација.

– Ова претставува голема чест, меѓутоа и одговорност за нашата држава да бидеме домаќини на разговорите коишто се водат меѓу Косово и Србија предводени од премиерот на Косово г. Курти и претседателот на Србија г. Вучиќ, нормално со посредништво на Европска унија и со поддршка на Соединетите Американски Држави. Очекуваме разговорите да се водат во добар во дух и коишто се водат практично за нормализација на односите помеѓу Косово и Србија, а коишто на крајот треба да резултираат со интеграција на целиот регион во Европската унија, рече Ковачевски.

Премиерот Ковачевски во интервјуто за МИА зборуваше и за ефектите од економските мерки кои Владата ги презема за помагање на граѓаните полесно да се справуваат со економската и енергетската криза.

 Премиере, домаќин сте на состанокот Белград-Приштина во рамки на дијалогот за решавање на спорот. Тука се ЕУ и американските олеснувачи и лидерите на Србија и Косово. Го чувствувате ли тоа како привилегија, доверба и од страна на преговарачите, но и од страна на Белград и Приштина?

Ви благодарам за поканата да бидам гостин во вашето интервју. Ова претставува голема чест, меѓутоа и одговорност за нашата држава да бидеме домаќини на разговорите коишто се водат меѓу Косово и Србија предводени од премиерот на Косово г. Курти и претседателот на Србија г. Вучиќ, нормално со посредништво на Европска унија и со поддршка на Соединетите Американски Држави.

Ова е најголема потврда дека Северна Македонија во овој момент е фактор на стабилност на Балканот и тоа го потврдивме преку нашето зачленување во НАТО, преку отворањето на преговорите со Европската унија и преку тоа што нашата држава во веројатно најтешката година за Европа после Втората Светска војна е земја претседавач со ОБСЕ, најголемата регионална безбедносна организација.

Ова секако дека е од исклучителна важност на нашата држава со оглед на тоа дека ние сме пример дека низ дијалог и низ дипломатски средства во 21 век треба да се решаваат предизвиците помеѓу соседните држави.

Очекуваме разговорите да се водат во добар во дух и коишто се водат практично за нормализација на односите помеѓу Косово и Србија, а коишто на крајот треба да резултираат со интеграција на целиот регион во Европската унија.

Северна Македонија дефинитивно не е во изолација. Напротив, вчера за првпат во Скопје се одржа состанок на Советот за стабилизација и асоцијација. Пораките од таму сите се оптимистички и во тој процес треба секој да сработи во ЕУ-процесот. Борел потврди дека се помага и во пакетот за економија и енергетика, сега за првпат беше спомнато и во одбраната. Потсети и дека и ние треба да си ги испорачаме обврските. Дали можеме да ги испорачаме?

Најпрвин исто така уште една потврда покрај ова што сме денес домаќини на дијалогот Белград – Приштина и тоа што вчера се одржа состанок на Советот за стабилизација и асоцијација во Скопје, првиот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација е одржан пред 22 години во Брисел и за првпат сега после 22 години, после 17 години од чекање на отпочнување на преговори со Европската унија за првпат Советот се одржува во Скопје.