Ковачевски: За 6 години финансиската поддршка од државата кон домашните компании е зголемена за 11 пати
– Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, ја истакна важноста на инвестирањето и додаде дека Владата е партнер на стопанството.
Премиерот учествуваше на настанот „#МКЕкономија, Довербата расте“ наменет за компаниите корисници по Законот за финансиска поддршка на инвестиции. Покрај премиерот, пред претставниците на околу 500 компании се обратија и вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, и министерот за економија, Крешник Бектеши.
Премиерот Ковачевски во своето обраќање рече дека еден од главните приоритети на Владата е економското зајакнување, додавајќи дека и во услови на криза, најважно е инвестициите да не застанат.
„Владата преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите од неговото воведување до денес поддржа 919 компании со 100 милиони евра. За 6 години финансиската поддршка од државата кон домашните компании е зголемена за 11 пати. Од 3,2 милиони евра во 2018 до 35 милиони евра во 2023 година. Честитки за храброста и визијата која ја имате да инвестирате, да ги користите мерките на Владата сѐ со цел заеднички да го придвижиме економскиот раст на државата, да растат компаниите, да расте и бројот на работни места“, рече Ковачевски.
Тој додаде дека целокупната државна поддршка за стопанството годинава изнесува 150 милиони евра.
Вицепремиерот Битиќи во своето обраќање истакна дека до 2017 година домашните компании воопшто не биле поддржани од Владата, додавајќи дека сега веќе 919 компании се поддржани преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите.
„Вие, во нашата држава, преку овој закон досега инвестиравте половина милијарда евра, 500 милиони евра. И тоа за мене е еден врвен патриотски чин. Заедно придонесовме во реструктурирање на домашната економија, а вие добивате реална поддршка која е предвидлива и ги следи вашите развојни потреби“, рече Битиќи.
Тој додаде дека се предвидуваат измени на Законот за финансиска поддршка на инвестициите со кои би се овозможило загарантирана целосна исплата на финансиската поддршка, без разлика на состојбата на буџетот на државата.
Свое поздравно обраќање имаше и министерот Бектеши, кој им се заблагодари на сите тие кои учествуваа во создавањето и спроведувањето на Законот за финансиска поддршка на инвестициите.