Премиерот Димитар Ковачевски во рамки на посетата на Атина денеска оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски. На средбата присуствуваше и заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ.
Како што се наведува во соопштението од владината прес-служба, на средбата, премиерот Ковачевски ја нагласил континуираната и силна македонска поддршка на Украина во напорите за одбрана на земјата и враќање на слободата и мирот, а со тоа и стабилноста во регионот.
-Осудувајќи ја бруталната воена агресија која Русија ја врши врз независна и суверена Украина, Ковачевски повтори дека Македонија ќе продолжи со недвосмислена и силна поддршка за Украина, во нејзината самоодбрана и заштита на независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет. Овој пристап, Македонија јасно го манифестира како на билатерална основа, така и во рамките на НАТО, како и со приклучувањето кон Декларацијата на земјите од Г7 за безбедносни гаранции за Украина, се наведува во соопштението од Владата.
Премиерот Ковачевски истакна дека Македонија ќе продолжи да и помага на Украина се додека тоа е потребно, преку испраќање помош кон Украина, како што тоа го правеше и досега.
Украинскиот претседател Зеленски, како што се наведува во соопштението, изрази благодарност за поддршката на Македонија на Украина од почетокот на воената агресија, која е значајна за украинските сили и која украинскиот народ високо ја цени. Зеленски на средбата информирал за најновиот развој на состојбите на теренот.