Ковачевски и Битиќи во Мако маркет, компанија што со 10 милиони денари државна поддршка ги проширува капацитетите

 Мако Маркет е пример за компанија која ја поддржуваме во нејзиниот развој, проширување и унапредување на производството, а со тоа и нејзините вработени, кои имаат стабилни и достојно платени работни места, истакна вицепремиерот Фатмир Битиќи на посета на компанијата Мако Маркет ДОО Скопје која ја оствари заедно со претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски и в.д. директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски.

На настанот истакнаа дека компанијата во 2020 година започнала инвестицискиот проект од над еден милион и 400 илјади евра за проширување на производствените капацитети, за што поддршката од Владата досега изнесува над 10 милиони денари.

Премиерот Ковачевски нагласи дека Мако Маркет е компанија која 33 години успешно опстојува преку производство и дистрибуција на познати брендови, меѓутоа пред се преку производзтво на сопствени брендови кои има се познати на нашите купвачи и на купувачите во целиот балкански регион.

– Денес компанијата соработува со повеќе од 2000 клиенти на домашниот пазар и остварува извоз во Албанија, Косово, Србија, Молдавија, Романија и Црна Гора, а има амбиции да го прошири извозот на нови пазари и планира нов инвестициски циклус заради проширување на своето произодство, рече Ковачевски.

Премиерот истакна дека Владата продолжува со серијата посети на домашниот пазар бидејќи, како што кажа, сакаат да го следат чекорот на компаниите и да го слушнат нивното мислење за мерките кои ги предлагаат.

 – Како и многу други компании, и денешната е дел од стотиците компании, кои, во изминативе години беа и се поддржани со буџетски средства со што го модернизираа процесот на производство и станаа уште поконкурентни на нашиот, но и на меѓународните пазари, изјави тој и појасни дека Мако Маркет е корисник на државна помош во рамките на Законот за финансиска поддршка на инвестиции.

Ковачевски нагласи дека Владата во изминатиот период донесе низа мерки за заштита на животниот стандард и заштита на ликвидноста на компаниите.

 –  Ги слушаме мислењата на компаниите и нивните потреби и затоа носиме мерки во полза на граѓаните. Преку замрзнување на цените на основните прехранбени продукти и нивното намалување преку обезбедување на „гарантирана“ цена на производите, како и со владината одлука за допрецизирање на повластената стапка на ДДВ од 5% за најголем дел од основните прехранбени производи, создадовме солидна основа за да постигнеме инфлација од 5 отсто до крајот на годината, подвлече премиерот, додавајќи дека Владата носи одлуки согласно движењата на пазарот и нема да дозволи профит на сметка на општото добро во време на криза.

Вицепремиерот Битиќи рече дека од 2021 година компанијата е дел од портфолиото на Законот за финансиска поддршка на инвестициите и е една од домашните компании кои во последните 5 години имаат инвестирано 500 милиони евра во нашата економија.

 – Со финансиската поддршка на домашните компании во нивните инвестициски циклуси, Владата води грижа преку развој на стопанството да се создаваат нови и добро платени работни места за граѓаните, но воедно се грижи и директно да го штити нивниот животен стандард преку повластените даночни стапки на основните прехранбени производи. Не само преку повластените даночни стапки од 5 отсто, стандардот на граѓаните дополнително системски ќе го заштитиме и унапредиме  со Законот за нефер трговски практики, со кој од пазарот ќе го отстраниме неетичкото деловно однесување кое директно штети на куповната моќ, истакна Битиќи.

Горан Трајковски потенцираше дека Инспекторатот е на терен и повторно ги повика граѓаните, ако забележат непочитување на мерките за гарантирана цена или пак какви било други прекршувања на закони да пријават во Пазарниот инспекторат.

 – ДДВ од 5 отсто си останува на основните прехранбени производи и покачување на цените нема да има и  не смее да има. Трговците може дополнително да ги намалат цените на основните производи, но во ниту еден случај да ги зголемат, додаде тој.

Трајковски истакна дека Пазарниот инспекторат постојано врши надзори, и потврди дека трговците генерално се придржуваат до одлуките на Владата.

– Ако утврдиме дека некој се обидува да манипулира со граѓаните, нема да биде поштеден, напротив ќе ја добие соодветната санкција. Сите заедно треба да функционираме и да градиме правичен систем во нашата држава, а оние кои не сакаат да бидат дел од тој систем ќе бидат казнети без селекција и без компромис по сите закони по кои постапува пазарниот инспекторат, порача в.д. директорот на Државниот пазарен инспекторат.