Премиерот Димитар Ковачевски денеска во Братислава, оствари средба со специјалниот претставник на Европската Унија за Западен Балкан, Мирослав Лајчак. Ковачевски во Братислава учествува на Глобалниот безбедносен форум на ГЛОБСЕК 2023.
На средбата, премиерот Ковачевски, како што соопшти владината прес-служба, ја потенцираше заложбата на Владата, Северна Македонија како и досега да придонесува за унапредување на регионот како и за неговата мир и стабилност. Премиерот истакна дека нашата држава има цврста определба за зајакнување и унапредување на добрососедските односи и преку дијалог и соработка меѓу државите се етаблираше како држава фактор на стабилност во регионот.
Ковачевски ја нагласи максималната посветеност на Владата на реформскиот процес во земјава како и на процесот на пристапни преговори за членство на Северна Македонија во ЕУ.
Двајцата соговорници, како што е наведено во соопштението, истакнаа дека во државата е потребен политички дијалог и сите општествени, политички, невладини, граѓански чинители во државата потребно е да постигнат консензус со што не би се кочел процесот за членство на Северна Македонија во ЕУ.
На средбата премиерот Ковачевски нагласи дека брзото членство на земјите од Западен Балкан во ЕУ би спречило чувствителните точки во регионот да ја нарушат безбедноста и стабилноста, а со тоа и да го закочат економскиот развој на регионот.
Ковачевски и Лајчак повикаа на итна деескалација на состојбата во Косово и враќање на мирот и стабилноста. Премиерот Ковачевски повтори дека Северна Македонија го поддржува продолжувањето на соработката и координацијата со НАТО и ЕУ во регионот во насока на консолидирање на стабилноста и забрзување на евроатлантската интеграција на Западен Балкан.