Ковачевски – Лосон: Силна поддршка од Обединетото Кралство за исполнување на стратешките цели на Македонија
Силна поддршка од Обединетото Кралство за натамошен развој на нашата земја, согласно државните стратешки интеграциски цели, беше изразена на денешната средба во Скопје меѓу премиерот Димитар Ковачевски и амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во земјава, Метју Лосон.
На средбата, информираат од владината прес-служба, констатирано е дека граѓаните на Македонија имаат конкретна можност, појасна од кога било, за унапредување на квалитетот на живот, а државата за економски напредок и дека ваквите околности бараат политичка храброст и зрелост во одлучувањето за натамошните чекори.
Оценето е дека земјава е значаен фактор на стабилноста и безбедноста во Западен Балкан, како и во поширок геостратешки контекст и е истакната важноста од натамошен придонес во безбедносниот контекст.
Премиерот Ковачевски се заблагодари за традиционалното, долгогодишно и искрено пријателство со Обединетото Кралство, што се одразува со поддршка за сите клучни процеси од значење за демократскиот и економскиот развој на државава.