Ковачевски: Министерските места на ВМРО-ДПМНЕ да останат празни додека не одлучат да ја поддржат техничката влада
Премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски денеска во изјава за медиумите рече местата кои со закон и следуваат на опозицијата во техничката влада да останат празни додека ВМРО-ДПМНЕ не даде глас за таа влада.
Тој го повика идниот мандатар Талат Џафери да направи влада во која министерските и дополнителните заменички министерски места ќе останат празни, а кога ВМРО-ДПМНЕ ќе одлучи да ја поддржи техничката влада, тогаш да се вметнат нивните министри.
– Кога се учествува во влада, тоа значи дека таа влада треба да се поддржи. Во светот не постои искуство и пример политичка партија да учествува во влада, а притоа да не ја поддржи таа влада. Постојат примери во кои политичка партија не учествува во влада, ама ја поддржува. Меѓутоа, не постои пример политичка партија да земе учество во влада, а да не гласа за владата. Затоа, сметам дека ВМРО-ДПМНЕ согласно закон, исто како и сите други политички партии кои се повикани да имаат министри во техничката влада, треба да ги даде своите кандидати и да гласа за таа влада. Доколку ВМРО-ДПМНЕ реши да не гласа за таа влада, тогаш сметам дека тие места треба да останат празни, мандатарот да предложи влада во кои тие места ќе бидат испразнети, и во моментот кога ВМРО-ДПМНЕ ќе реши да ја поддржи владата, наредниот ден ќе може мандатарот да предложи и во истиот ден да се изгласаат министрите кои им следуваат, рече Ковачевски.
Коментирајќи ја најавата на лидерот на опоцизиската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека нивните министри во техничката влада нема да присуствуваат на владините седници, Ковачевски рече дека Владата е извршно тело во кое оние кои се членови на Влада мора да бидат ангажирани во текот на целиот ден за да можат да ги сервисираат обврските што ги имаат.
– Од нивниот пристап во Собранието, видовме дека тие беа дел од Собранието во последните четири години во коишто единствено што правеа е блокада. Владата е извршно тело во кое оние кои се членови на Влада мора да бидат ангажирани во текот на целиот ден за да можат да ги сервисираат обврските што ги имаат, нагласи Ковачевски.
Во врска со вчерашната средба со поранешниот претседател на СДСМ Зоран Заев и претседателот на ДУИ Али Ахмети, Ковачевски рече дека разговарале за тоа како би требало да изгледаат настапите на политичките партии на наредните избори.
– Вчера разговаравме за тоа како државата треба да напредува кон полноправно членство во Европската унија. Секој од нас можеше да ги сподели своите искуства од мандатите што ги имал. Разговаравме и за тоа како би требало да изгледаат настапите на политичките партии на наредните избори, се разбира, низ призма на искуството кое секој го поседува. Ова ниту е прва, ниту последна средба, посебно за некои кои се знаат три децении, рече Ковачевски.
Во однос на предизборните и изборните коалицинирања со ДУИ, Ковачевски нагласи дека прават анализи во СДСМ со коалициските партнери. Смета дека на државата и треба една европска коалиција која, како што рече, ќе осигура сигурна европска иднина за државата без никакви неизвесности, изолации и политички еквилибристики како што ги имало во текот на 11-годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ.
-ВМРО-ДПМНЕ, за жал, повторно нема концепт кој гледа напред. Гледате дека сите нивни изјави се во некакви претпоставки, по некакви сценарија кои немаат никаква реална основа во политичките процеси ниту во државата, ниту во регионот, ниту во Европа. Сметам дека граѓаните тоа знаат да го ценат и на 24 април на претседателските избори и на 8 мај на парламентарните избори, повторно Владата ќе биде формирана од страна на СДСМ и коалициските партнери, рече Ковачевски.