Ковачевски: Министрите работат на сите опции во однос регулирањето на платите на функционерите

Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека министрите за труд и социјална политика, за финансии, за администрација и информатичко општество, за правда и вицепремиерот за економски прашања веќе работат на сите опции во однос на платите на функционерите.

-Штом ќе бидат готови анализите, ќе се произнесат на владина седница, рече Ковачевски.

Премиерот Ковачевски, кој присуствуваше на денешниот настан на отворањето на форензичката лабораторија при Министерството за внатрешни работи истакна дека во однос на тоа прашање треба да се имаат во предвид сите аспекти на независните власти во државата.

-Оваа проблематика е веќе регулирана во седум закони, не само во еден, и ќе мора да ги имаат во предвид сите аспекти на независните власти во државата во однос на регулирањето на платите и во однос на моделот којшто ќе биде применет. Штом ќе бидат готови со анализите и со предлогот ќе дојдат министрите на владина седница и ќе можат да се произнесат и потоа предлогот да биде испратен до Собрание, рече Ковачевски.