Ковачевски: Одлуката на ДС не ја нарушува стабилноста на владиното мнозинство

– Одлуката што ја донесе Демократски сојуз не петставува никакво нарушување на стабилноста на владиното мнозинство, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски кој заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски присуствуваат на настан за традиционално закројување на лозје во село Ресава во Кавадарци.

Премиерот рече оти очекува нивните функционери да ги поднесат своите оставки, посочувајќи на заменик министерот за локална самоуправа.

-Ме радува што Демократски сојуз кажа дека останува на европскит пат и на поддршка на такви одлуки што не можеше да се потврди до сега во пракса, освен декларативно. Видовме вчера дека пратеникот на ДС не го гласаше Договорот Фронтекс, но сепак има можност во иднина своите декларации да ги покаже и во пракса. Очекувам нивните функционери да ги поднест своите оставки, тука пред се мислам на заменик министерот за локална самоуправа, рече Ковачевски.

Како коалициска Влада, додаде тој, остануваат отворени за сите политички партии, поединци и организации кои се за продолжување на европскиот пат на државата и за полноправно зачленување во ЕУ.

-Се надевам дека како искусен политичар господинот Трајанов нема да се доведе во ситуација како Мицкоски да стане заложник на Апасиев, рече Ковачевски, истакнувајќи дека владиното мнозинство е силно и стабилно, а реконструкцијата на Владата ќе помине со над 64 гласа.