Ковачевски од Голо Брдо: Ја штитиме положбата и правата, јазичните и културни особености на Македонците надвор од Македонија

Jа штитиме положбата и правата, јазичните и културни особености на Македонците надвор од Македонија, истакна премиерот Димитар Ковачевски денеска на средбата со Македонци од месноста Голо Брдо од Албанија.

Во рамки на Акцискиот план за поддршка на Македонците во Голо Брдо и Пустец, премиерот донираше градежна машина и сијалици за улично осветлување, со што, како што е наведено во соопштението од владината прес-служба, се реализираше уште едно барање од заедничкиот договор на Македонците, од овие краеви, со Владата.

– Денес уште еднаш ја покажавме нашата континуираната поддршка на потребите на нашинците од Голо Брдо, во рамки на севкупната поддршка која што Владата на Република Македонија ја дава во сите области на нашите Македонци кој живеат во Албанија, меѓу тоа и во другите држави, а нема држава во која нема Македонци и денес зборуваме за конкретна помош која што ја обезбедивме токму за нашите Македонци кој што живеат во Голо Брдо, истакна Ковачевски.
 
Акцискиот план за поддршка на нашите Македонци од Голо Брдо и Пустец, како што посочи тој, ја покажува нашата поддршка за подобрување на условите за живеење на нашинците кои живеат овде.

-Денеска со донација на градежна машина и сијалици за улично осветлување одговараме на уште едно барање на нашите Македонци, и го исполнуваме нашиот заеднички договор, рече Ковачевски.

Премиерот најави уште еден многу важен проект од Акцискиот план чија реализација е во тек, а беше децениско барање и проблем во овој дел од  Албанија, а тоа е граничниот премин Требиште-Џепиште кој што е од исклучителна важност за македонското население во регионот од Голо Брдо да почне да функционира 24 часа.

-Има еден инфраструктурен дел кој треба  да се направи на албанска страна, има делови кој што треба да се договорат помеѓу Министерствата за внатрешни работи меѓу тоа и денес заедно со премиерот на Албанија Еди Рама разговаравме и ресорните министри веќе се запознаени од двете држави за начинот на кој треба да го санираме и да го решиме овој долгогодишен проблем кој што Македонците од Голо Брдо го имаат, а пред се сè однесува на непречено 24 часа комуникација на граничните премини меѓу двете држави, нагласи Ковачевски.

Тој посочи дека Владата спроведува и повеќе активности во однос на зголемување на бројот на стипендии за студирање на високо образовните институции во нашата држава, а, како што додаде продолжува и финансирањето проекти за дијаспората, вклучително и за Македонците од Албанија.

-Посветено работиме на проширувањето на соработката меѓу надлежните институции на Албанија за сите прашања од интерес на нашите Македонците кои живеат во Албанија, како што се во делот на пописот, во делот на организацијата во локалната самоуправа и во други области од секојдневното живеење. Со конкретни проекти правиме се за подобрување на нивниот живот, континуирано помагаме за подобрување на условите на живеење на нашинците, ги подобруваме условите за работа во училиштата, финансиски го помагаме комуналното уредување на општините каде живее македонско население, истакна Ковачевски.

Премиерот рече дека денешната донација е од еден милион денари и таа веднаш ќе биде предадена и ќе биде користена во Голо Брдо како и во другите општини кои се населени со Македонци.

– Сакам уште еднаш да им посакам добредојде на  нашите сограѓани на нашите македонци кој живеат во Албанија  и како и тие сами кажуваат овде се чувствуваат како дома бидејќи и Албанија и Македонија се држави кои што во моментов имаат односи што се на исклучително високо и пријателско ниво, истакна премиерот Ковачевски.