Ковачевски: Очекувам брзо решение за усогласување на платите на вработените во МИА

Премиерот Димитар Ковачевски очекува дека усогласувањето на платите на вработените во МИА ќе се реши брзо, на некоја од наредните владини седници.

Ковачевски во интервју за МИА на прашањето за зголемување на платите на вработените во МИА, кои се во предупредувачки протест, што требаше да биде ставено на претходната владина седница, но потоа беше трнато од дневен ред, не појасни зошто точката е тргната, но рече дека очекува брзо решение.

-Владата, исклучително ја цени улогата и значењето на државната Медиумска Информативна Агенција. Лично сметам дека ова прашање е од голема важност и затоа очекувам дека усогласувањето на платите на вработените во МИА да се реши навистина брзо, на некоја од наредните седници, вели Ковачевски. 

Тој нагласува дека слободни медиуми се основа и столб на демократијата. 

-Оваа Влада за разлика од некои други во минатото постави високи стандарди во однос на транспарентноста и отчетноста, но и на слободата на медиумите и можностите и условите за работа. Затоа и Владата е оценета како 100 процентно транспарентна, рече Ковачевски.

Вели дека во медиумите гледаат партнери, со кои продолжуваат да работат во унапредувањето на медиумските слободи и права.

-Најдобар доказ за демократските и европски определби на Владата е фактот што денес Република Северна Македонија е рангирана на 38 место од 180 земји во светот и бележи нов напредок во слободата на медиумите и во најновиот Извештај на меѓународната организација „Репортери без граници“. Додека, за споредба, во 2016 година, државава беше на 118 место, од 180 држави, вели Ковачевски во интервјуто за МИА.

Вработените во МИА од 27 јули се во предупредувачки протест со барање за зголемување на платите и нивно усогласување со зголемените трошоци за живот. Барањето за усогласувањето на платите до Владата, од страна на менаџментот е испратено уште во април, но досега нема одговор.

За утре е закажан состанок на директорот на МИА со претседателите на Синдикатот на Медиумски Информативни Агенции (СМИА) и на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).