– Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, одржа заедничка прес-конференција со помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања на САД, Џејмс О’Брајaн, по лидерскиот состанок што се одржа во Скопје, посветен на Планот за раст на Западен Балкан, усвоен од Европската комисија.
Ковачевски и О’Брајaн ги соопштија заедничките очекувања за придонес на Планот за раст на Западен Балкан во забрзана интеграција на Северна Македонија и земјите од регионот кон Европската Унија (ЕУ).
Во својот говор, Ковачевски рече дека заедно со лидерите на земјите од Западен Балкан, на состанокот биле присутни и партнерите на регионот.
Тој истакна дека денешната дискусија била посветена на Планот за раст на Западен Балкан, препознаен од сите како одлична можност за пристап до европскиот единствен пазар, како и алатка за забрзан напредок во процесот на пристапување и исклучително значаен за економскиот развој на регионот.
„Планот за раст е досега најсериозната политичка потврда од Европската Унија дека тие имаат конкретен план за ефикасна европска интеграција на Западен Балкан. Со неговата реализација, која зависи и од ЕУ, но пред сѐ од нас, земјите од Западен Балкан, бруто-домашниот производ по глава на жител треба да го удвојат, односно од просечните 6 илјади евра по глава на жител во регионот, на просечни 12 илјади евра по глава на жител во следните 10 години“, рече Ковачевски.
Тој истакна дека е важно граѓаните да чујат дека има конкретен план како да се зајакнат економиите и да се подобри животниот стандард на граѓаните.
„Денеска на состанокот усвоивме и заедничка декларација, односно изјава со којашто ние како лидери од Западен Балкан се обврзуваме на развој на нашите држави по европски стандарди. Во заедничката изјава го нагласивме огромното значење на соработката меѓу сите нас во регионот, како стратешки сојуз на држави од Западен Балкан, за да ја постигнеме нашата индивидуална цел и истовремено заедничката цел, членство во ЕУ“, рече Ковачевски.
Високиот американски претставник Џејмс О’Брајaн во својот говор рече дека „ова беше многу интересна и возбудлива средба“, додавајќи дека иницијативата е поинаква од оние претходно видени во регионот.
„Значи, во оваа програма, во замена за некои реформи, земјите ќе добијат пристап до единствениот европски пазар, а како што рече премиерот, тоа е неверојатно богат пазар на потрошувачи и бизниси кои чекаат да се ангажираат со луѓето од овој регион. Тоа е огромна придобивка која доаѓа наскоро“, рече О’Брајан.
Тој истакна дека се разговарало за две практични идеи: Намалување на надоместоците за трансфер на пари од ЕУ кон Западен Балкан, како и проширување на „зелените линии“ за да се олесни трговијата со стоки.
Според него, во оваа програма никој не може да стави вето на некој друг, туку секоја земја е одговорна за своите реформи.
„Како САД, чувствуваме дека е во наш интерес да се задоволат интересите на граѓаните на Западен Балкан и да гледаме како владите се приближуваат кон интеграцијата во Европа“, додаде тој.
На состанокот, освен премиерот Ковачевски и американскиот претставник О’Брајaн, присуствува и Александар Вучиќ, претседателот на Србија, Еди Рама, премиерот на Албанија, Албин Курти, премиерот на Косово, Милојко Спајиќ, премиерот на Црна Гора, како и Герт Јан Копман, генерален директор за соседство и преговори за проширување во Европската комисија.
На состанокот преку видеоврска учествуваше и Борјана Кристо, претседателка на Советот на министри на Босна и Херцеговина, а присутни беа и претставници на повеќе меѓународни организации и институции, меѓу кои и претставници на Светската банка и Европската инвестициона банка.
Одговарајќи на новинарско прашање околу перспективата меѓу Косово и Србија, О’Брајaн повика на целосно спроведување на претходно договореното.
„Силно го поддржуваме патоказот што беше договорен, исто така во оваа земја, во Охрид минатиот март. Сметаме дека двете земји треба да работат низ процесот на дијалог за целосно спроведување на патоказот“, рече О’Брајaн.