Ковачевски-Прескeр: Македонија и натаму може да смета на силна и отворена словенечка поддршка на патот кон членството во ЕУ
Премиерот Димитар Ковачевски, денеска се сретна со новоименуваниот амбасадор на Република Словенија во Македонија, Грегор Прескер, при што беше оценето дека двете земји имаат одлични пријателски односи и соработка кои се градат веќе 30 години, со взаемна подготвеност и интерес за нивно продлабочување, посебно на полето на економијата.
При тоа, како што соопштуваат од владината прес-служба, премиерот Ковачевски изрази задоволство од потпишувањето на Заедничката декларација за зајакнување на соработката меѓу двете земји за време на неговата посета на Љубљана во април, годинава. Декларацијата, како што истакна премиерот Ковачевски, ја потврдува континуираната словенечка поддршка за Северна Македонија на многу полиња.
Во таа насока, беше нагласен интересот за одржување на заедничка седница на владите на двете земји – што, се посочува, ќе биде извонредна можност за детектирање на нови потреби во секторската соработка.
Во доменот на билатералната соработка, беше поздравен фактот дека трговијата меѓу двете земји се движи по нагорна линија, а Македонија е петта најважна земја за инвестиции на словенечки компании, кои во моментов изнесуваат околу 7 отсто од вкупниот прилив на странски директни инвестиции во државата.
-Ковачевски и Прескар изразија задоволство од отворањето на директната линија Скопје – Љубљана, на компанијата Wizz Air, која се очекува дополнително да придонесе за воведување нова динамика во економската соработка и натамошно зајакнување на туристичката размена, се наведува во соопштението.
Посебен фокус на средбата беше ставен на евроинтеграциските процеси, и во таа насока премиерот Ковачевски се заблагодари за силната и отворена поддршка на Словенија на патот на Северна Македонија кон ЕУ, потенцирајќи го посебно словенечкиот пристап за забрзана и прогресивна интеграција.
-Взаемно беше констатирано дека европскиот пат е единствената опција за Македонија и затоа потребно е да се преземат сите неопходни чекори за да се оствари долгогодишната стратешка цел на земјата, а тоа е полноправното членство во ЕУ, стои во соопштението во кое се додава дека премиерот Ковачевски му посака успех вна амбасадорот Прескер во неговиот нов професионален ангажман и желба за активeн придонес во натамошното зближување на двете земји и народи.