Ковачевски: Ромите имаат потенцијал да го предводат прашањето на сопствената интеграција и да бидат пример за регионот
Мојата лична заложба како човек пред се, и како премиер е да изградиме општество еднакво и кохезивно во чии темели се довербата и меѓусебната соработка. Општество во кое граѓаните и заедниците се чувствуваат безбедни и имаат еднакви можности за личен и професионален развој. Затоа се залагам во партенерска и искрена соработка со сите општетствени чинители, државни, невладини, граѓански организации, здруженија да ја унапредуваме положбата на ромската заедница во нашата држава, истакна премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето на настанот „Европски перспективи и квалитетен развој на ромската заедница во Северна Македонија“ по повод Меѓународниот ден на Ромите.
Тој посочи дека како резултат на Берлинскиот процес, во јули 2019 година, на Самитот во Познан, нашата држава заедно со земјите од регионот се обврзаа да ја подобрат состојбата на Ромите и да постигнат конкретни резултати во областа на образованието, вработувањето, здравството, домувањето, граѓанската документација и борбата против дискриминацијата низ патот за пристапување во Европската унија.
Република Северна Македонија, како што посочи премиерот, ја усвои Националната Стратегија за Роми 2022–2030 во согласност со Европската Стратешка Рамка, и истата е дел од јавните политики на државата и основа за превземање на конкретни акции во сите наведени области.
Европската комисија во однос на Стратегијата за инклузија на Ромите, ја предочи силната посветеност на нашата земја како и на земјите од Западен Балкан во однос на вклучувањето на Ромите и важноста од спроведување на обврските од Познан.
-Посебно ми е драго што нашите сограѓани Роми имаат потенцијал да го предводат прашањето на сопствената интеграција и да бидат пример за останатите во регионот. Владата на Република Северна Македонија за Поддршка на имплементацијата на Стратегијата за Роми за 2023 година издвои средства за конкретни проекти, рече Ковачевски.
Заложбата на Владата, како што нагласи премиерот, која ја предводам е да го унапредиме овој тренд, создавајќи можности за доследно спроведување на Стратегијата за инклузија на Ромите и Националните акциски планови.
За подобра интеграција на Ромите во нашата земја, Ковачевски како клучно го издвои задржувањето на најмладите во образовниот систем, за што, како што додаде, лично ќе се залага.
-Ако успееме во тоа, тогаш ќе решиме многубројни проблеми со кои се соочува ромската заедница. Мораме да ја задржиме позицијата во регионот, каде се издвојуваме како земја позитивен пример по бројот на студенти Роми кои што се активни во државата и во светот, рече Ковачевски.
Тој посочи дека Република Северна Македонија како идна членка на ЕУ, има обврска да подготува законски решенија по стандарди на Европската Унија и нивно хармонизирање со меѓународни норми и стандарди.
-Затоа како Влада се залагаме и за зголемување на бројот на Роми кои се вклучуваат на пазарот на труд. Тоа и го постиганвме преку Оперативната програма за активни мерки од Министерството за труд и социјална политика, во потикнување на претпримништвото кај ромската заедница, додаде премиерот.
Во своето обраќање Ковачевски потсети дека голем ефект дадоа и мерките на Владата за подршка на претпримачите, со што овозможивме субјектите раководени од Роми да може да ги користат овие мерки за формализација или унапредување на бизнисот. -Оваа година почна да функционира и инвестицискиот фонд РЕДИ, за кој што Владата потпиша посебен меморандум за мечирање и синергија на активностите со граѓанскиот сектор, во однос на развојот на претприемништвото кај ромската заедница, додаде тој.
Во оваа насока, како што рече, е и нашата отвореност и соработка со програмата на Ромактед од Советот на Европа, која што овозможува имплементација на Стратегијата на Ромите на локално ниво во 15 општини. Преку ИПА проекти, соработка со УСАИД, владата на САД, локалните заедници и ромскиот граѓански сектор преку соработката со ЕУ спроведуваме бројни проекти.
Ковачевски во контекст на тоа го издвои домувањето каде што посебна таргет група е ромската заедница. – Проектите во доменот на домувањето, легализацијата, социјалното домување, инвестициите во комуналната инфраструктура се поголеми инвестициии на подолгорочен план, но тоа не значи дека нема да се реалзиираат, додаде Ковачевски.
Во изминатиот период лично докажав, како што рече Ковачевски, дека секогаш ја цени професионалноста.
-Ние имаме Роми кои извршуваат значајни функции, на позиции државен секретар, советници во мојот Кабинет. Еден од нашите најдобри и најперспективни дипломати кои ги имаме во Брисел е токму една исклучително квалитетна вработена во МНР а која што е Ромка по својата националност. Пратеничката Љатифе Шикоска, нејзините колеги навистина секој ден заедно со мене правиме се што е во наша моќ да унапредиме било кој сегмент во живеењето на ромската заедница, истакна премиерот.
Евроамбасадор во земјава Дејвид Гир во своето обраќање посочи дека остануваат значајни предизвици, не само во оваа земја, туку и во другите земји.
-Се уште гледаме Роми кои просат, кои не се вклучени во образовниот процес, кои немаат документи за идентификација и кои склучуваат рани бракови. Тоа се некои од најзначајните проблеми истакнати во извештајот на ЕК, но тие проблеми не се карактеристични само за Северна Македонија. Потребно е да се направи заложба да се адресираат сите овие прашања. Сите земји кои сакаат да влезат во ЕУ треба да го почитуваат принципот за еднакви можности за сите граѓани, особено за Ромите, рече Гир, додавајќи дека ЕУ активно го поддржува развојот и инлузијата на ромската заедница преку фиунансирање бројни проекти.
Министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска рече дека наша заложба е градење на едно општество за сите, односно градење на систем во кој сите граѓани под еднаква основа ќе уживаат еднакви права, ќе имаат еднаков пристап до ресурси и еднакви шанси за напредок.
-Почитувањето на човековите права, на еднаквоста и недискриминацијата е определба на која посветено работиме.Силно се залагаме, интезивно работиме и со сите наши ресурси целиме кон Европската Унија. Свесни дека промени треба и мора да има, за да ги исполниме Европските стандарди и да одговориме на нивните иницијативи за унапредување на целокупното општествено живеење, истакна Тренчевска.
Таа посочи дека како држава се залагаме за забрзана интеграција на Ромите во сите општествени сфери, а како резултат на Берлинскиот процес, ја потпишавме ,,Декларацијата за интеграција на Ромите“ и со тоа се обврзавме за подобрување на нивната состојба во областа на образованието, вработувањето, здравството, домувањето, граѓанската документација и борбата против дискриминацијата.
На одбележувањето на Меѓународниот ден на Ромите – 8 април покрај претставниците на Владата, присуствуваа и пратеници, амбасадори, претставници од Советот на Европа, РОМАКТЕД, градоначалници и други граѓански организации.