Ковачевски се сретна со специјалниот претставник на Германија за Западниот Балкан, Сарацин

На средбата се разговарало за актуелните политички случувања во Северна Македонија и за евроинтеграциските процеси и предизвици.

Претседателот на Владата на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска се сретна со специјалниот претставник на Сојузната влада на Германија за земјите од Западен Балкан, Мануел Сарацин, кој престојува во работна посета на земјава.

Според владиното соопштение, на средбата присуствувала и амбасадорката на Сојузна Република Германија во земјава, Петра Дрекслер.

Се истакнува дека на средбата се разговарало за актуелните политички случувања во Северна Македонија и за евроинтеграциските процеси и предизвици.

Ковачевски ги истакна заложбите на Владата во насока на остварување на стратешката цел – полноправно членство на Северна Македонија во Европската Унија.

Меѓу другото, Сарацин ја истакна силната поддршка на Германија за евроинтеграцискиот процес на нашата држава, како и за следните чекори.

Според соопштеното, на состанокот се дискутирало и за претстојниот процес на носење на уставните измени.

„Премиерот Ковачевски потенцираше дека Северна Македонија е на патот кој води кон напредок и просперитет, а тоа е членство во ЕУ и затоа е неопходна широка поддршка околу уставните измени. Тој изрази надеж дека сите политички партии ќе се обединат и ќе работат заедно на реформските процеси за да се овозможи побрзо членство во ЕУ“, се додава во владиното соопштение.