Ставот на СДСМ останува ист, ВМРО-ДПМНЕ имаше и се уште има опција за избори. Треба да им се даде простор да се приклучат кон работните групи за да се дефинираат деталите. Постојат одредени финеси кои ќе треба да се договорат на оперативно ниво за да може да се пристапи кон овој важен процес, зашто, не се работи за гласање на уставните измени сами за себе, туку за давање глас за европската иднина на државата во констелација на односи кога првпат, као никогаш досега, земјава има јасна и недвомислена поддршка од членките на ЕУ и од најголемите стратешки партнери, Франција, Германија и САД, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски.
За него не е изненадување, како што истакна, најновата и „единствена опција“ што ја „понуди“ синоќа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски – одржување предвремени парламентарни избори.
-Проследив дел од интервјуто на Мицкоски. Тој став за мене не беше изненадување со оглед дека доаѓа по неговата посета на Брисел. Таму веројатно ги презентирал опциите кои и ги имаа веќе добиено како предлог на лидерската средба. Откако завршија средбите во Брисел, веќе не се зборува од страна на ВМРО-ДПМНЕ за одложени дејства до влегување во ЕУ зашто кога ќе отидете во Брисел претставниците на институциите ве информираат дека европскиот предлог е усвоен од 27 земји-членки, во нив обврски презеле ЕУ, Европскиот совет и евроспките институции, сме презеле и ние, и сите земји-членки се придржуваат до обврските, како и ние, во рамки на усвоената преговарачка рамка, истакна премиерот, одговорајќи на новинарски прашања по прес-конференција во Владата.
Според него, сите јавно искажани барања на ВМРО-ДПМНЕ беа прифатени на лидерската средба.
-ВМРО-ДПМНЕ имаше и се уште има опција за предвремени избори, а тоа е – да ги изгласаме уставните измени и веднаш да одиме на избори. Втората опција која се уште е на располагање, а која ја прифатија на лидерската среба и потоа ретерираа од неа, е да го отвориме Уставот, ВМРО-ДПМНЕ да влезе во Владата. СДСМ е веќе подготвена да отстапи 50 отсто од своите министерски места на кадри предложени од ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ да не учествува во Владата, да поддржи влада без ДУИ со услов да се изгласаат уставните измени, па дури и другите политички партии од албанскиот блок, бидејќи овде се гледа дека на некои одлуки што се носат во општини раководени од ДПМНЕ дека нема да е само анимозитет кон една партија која ги претставува доминаннто албанските граѓани, туку е поширок анимозитет кон албанската заедница. Од таа причина веројатно и АА и Беса кажаа дека нема да учествуваат во таква влада што и остави поголем простор на ВМРО-ДПМНЕ да има уште повеќе министри со цел да се заврши затворањето на уставните измени и на скирингот, отворање на поглавјата, затворање барем на едно до две поглавја до парламентарните избори и потоа нивно одржување, истакна Ковачевски.
Тој потсети дека посебно на прес-конференцијата по лидерската средба, ВМРО-ДПМНЕ јавно го искажа ставот дека нема против влегување на други народи во Преамбулата на што се противеше, како и дека го признава легитимитетот на овој собраниски состав и на оваа Влада.