Ковачевски – Стојменова Дух: Се интензивира македонско-словенечката соработката во дигитализацијата

Интензивирањето на поддршката од Словенија во процесот на дигитализација на земјава, посебно во областа на поврзувањето меѓу државните институции, со бизнис заедницата од областа на информатичкото општество, во сферата на е-Влада и во дигитализацијата на јавната администрација, беа главни теми на денешната средба во Љубљана на премиерот Димитар Ковачевски со словенечката министерка за дигитализација Емилија Стојменова Дух.

Како што соопшти владината Прес-служба, премиерот Ковачевски рече дека споделувањето на словенечките искуства и позитивните практики во областа на дигитализацијата се значајни за земјава, во процесот на европските интеграции, но и на домашен план.

– Работиме на зголемување на бројот на електронски услуги кон граѓаните и бизнисите и сме фокусирани кон усогласување на националното законодавство со Европскиот кодекс за електронски комуникации, како и со Директивата на ЕУ за безбедност на мрежите и информациските системи и пакетот на алатки 5Г. Поврзувањето на владините институции, академската заедница, бизнис секторот, граѓанскиот сектор и генерално, дигитализирањето на процесите е важно и за подобрување на квалитетот на институционалните услуги, но и за ефикасна борба против корупцијата, бидејќи овој процес подразбира намалување на човечкиот контакт при некои услуги, рече Ковачевски.

Тој нагласи дека министерката Стојменова Дух, која е со македонско потекло и стана дел од Владата на словенечкиот премиер Роберт Голоб е пример дека Република Северна Македонија има квалитетен кадар со којшто може да се гордее и надвор од државата, а целта на Владата е со напредокот во евроинтеграциите да ги мотивира младите луѓе да живеат и работат во родната земја, во којшто процес е значајна словенечката поддршка.

Претходно денеска во Љубљана премиерот Ковачевски се сретна со неговиот словенечки колега Роберт Голоб, и со словенечката вицепремиерка и министерка за надворешни и европски прашања Тања Фајон.

Двајцата премиери потпишаа заедничка декларација за зајакнување на соработката меѓу двете држави, а една од областите на зајакната соработка ќе биде токму практичната поддршка на Словенија во натамошниот процес на преговори со Европската Унија.