“КОГА ЛОШИТЕ МОМЦИ ИМААТ ПРОБЛЕМИ ПРАВААТ ЛОШИ РАБОТИ“ – Џо Бајден ја нарече Кина како – ‘темпирана бомба’

Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Џо Бајден, ја нарече Кина „темпирана бомба“ поради економските предизвици со кои се соочува земјата.

Имаат некои проблеми. Тоа не е добро, бидејќи кога лошите момци имаат проблеми, тие прават лоши работи“, рекол Џо Бајден на политички митинг во сојузната држава Јута, објави медиумската агенција Reuters.

Тој додаде дека Пекинг е во неволја, истакнувајќи дека не сака да и наштети на Кина, туку дека сака рационален однос со таа земја.

Неговите изјави се однесуваат на фактот дека кинеската економија паднала во дефлација, наведува медиумската агенција, додавајќи дека Кина можеби влегува во ера на многу побавен економски раст, со стагнација на потрошувачките цени и плати.

Во средата, американскиот претседател потпиша извршна наредба за забрана на одредени американски инвестиции во Кина во секторот на полупроводници и микроелектроника, секторот за квантна информатичка технологија и во доменот на одредени системи за вештачка интелигенција .

Министерството за надворешни работи на Кина соопшти дека одлуката на САД сериозно ги нарушува принципите на пазарна економија и фер конкуренција.

Ова е чин што го поткопува меѓународниот економски и трговски поредок, ги дестабилизира глобалните синџири на снабдување и им штети на интересите и на Кина и на САД и на глобалната деловна заедница“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи на Кина.