ФОТО | Хекуран Мурати: “Инфлацијата во Косово во јули падна на 2,4 отсто, најниска во регионот“

Министерот за финансии на Косово, Хекуран Мурати, вели дека стапката на инфлација во земјата, согласно податоците на Агенцијата за статистики на Косово (АСК), во  јули паднала на 2,4 отсто, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според Хекуран Мурати, минатиот месец продолжил трендот на забавување на растот на цените, што го чини Косово земја со најниска стапка на инфлација во целиот регион.

И во јули стапката на инфлација го продолжи забавувањето, паѓајќи на 2,4 отсто според податоците објавени од АСК оваа недела. Наспроти постојаните предизвици, споредено со земјите од регионот Косово стои најдобро“, напиша Хекуран Мурати на својата страница на Фејсбук.

Тој објави и графикон (чиј извор не го наведува, а не може да се најде на сајтот на АСК) со податоците за инфлацијата во јули 2023-та во девет земји во регионот. Според него, веднаш зад Косово е Грција, со 2,5 отсто, следат Албанија (4,2), Бoсна и Херцеговина (4,8), Словенија (6,1), Хрватска (7,4) и Црна Гора (7,5 отсто), Северна Македонија е на седмо место со 8,4 отсто, следи Бугарија со 8,7, додека највисока инфлација имала Унгарија – 17,6 отсто. Во табличката нема податоци за стапката на инфлација во Србија