Поради големите финансиски средства, политички превирања, компликуваните процедури и различни стратегии дел од државите од Западен Балкан се ориентираат на употреба на хеликоптери. Но и тие често се надвор од функција, и се користи странска помош.
Регионот и ова лето кубури со авиони за гаснење пожари. Дел од државите се одлучија во прв план да ги стават хеликоптерите, а други пак мака мачат со приземјени авиони или воздухоплови кои долг период се сервисираат. Земјите од Западен Балкан главно се со ограничени ресурси за справување со евентуални огнени стихии, а често пати се принудени да бараат меѓународна помош.
Три функционални авиони во Македонија?
За разлика од минатите години кога државата се потпираше на неколку домашни хеликоптери и странска помош од авиони за гаснење пожари, Македонија наскоро би требало да има три функционални авиони за гаснење пожари, според најавите од надлежните.
Директорот на Дирекцијата заштита и спасување Стојанче Ангелов неодамна изјави дека едниот Ер Трактор е функционален, а другите два наскоро треба да бидат вратени од сервис. Државата располага и со армиски и полициски хеликоптери кои можат да се употребат за гаснење пожари.
Од три авиони само еден во функција во Црна Гора
Црна Гора делумно може да се пофали дека поседува авиони за гаснење пожари. Но реалноста е дека два се надвор од функција бидејќи се сервисираат, а само еден може да биде употребен. Црна Гора има и три хеликоптери за гаснење пожари, но и од нив само еден е во употреба.
Србија гасне пожари со хеликоптери
Србија се потпира на употреба на хеликоптери при гаснењето пожари. Земјата наскоро ќе има дури 17 хеликоптери од овој вид. Се работи за десет хеликоптери од хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи на Србија (два се уште не се испорачани) и седум на војската.
Двата авиони на кои се чека да бидат испорачани според изјавите на српскиот претседател Александар Вучиќ ќе бидат опремени со супер пумпи за вода со зголемен капацитет од 4 500 литри.
Набавката на авион во БиХ се уште не е реализирана
Во Босна и Херцеговина формирањето на соодветна авијација за справување со пожари сѐ уште не е реализирано, но за оваа тема се дискутира во јавноста и особено станува актуелна во летниот период.
Компликуваната политичка ситуација во земјата е причина што двата ентитета имаат посебна ескадрила составена од седум хеликоптери за гаснење пожари, но не се секогаш сите во функција.
Во Министерството за одбрана и Управата за цивилна заштита неколку пати се водеа дебати за набавка на авиони, дури беа и одобрени буџетски средства за набавка, но проектот засега сѐ уште не е реализиран.
БиХ при огнени стихии кои ја зафаќаа државата се потпираше на помош од Хрватска која испрати Канадер.
Скапа набавка за Албанија и Косово
За Албанија и Косово набавката на авиони за гаснење пожари е скапа, според изјавите на надлежните. Дека Албанија нема да влезе во процес на набавка на авион потврди и албанскиот министер за одбрана Нико Пелеши. Тој рече дека Албанија не може да си дозволи набавка и одржување на ваков авион. Според него неоправдано е да се инвестира 50 милиони евра во нешто што ќе се користи еден месец.
За време на пожарите кои изминатиов период ја зафатија Албанија земјата побара помош од Грција.
Во Косово нема ниту авиони ниту хеликоптери оспособени за гаснење пожари. Затоа косовските власти мораат да се потпираат на помошта од странските мисии.TRT Balkan