Граѓаните на дел од државите од регионот со декади чекаат за да го почувствуваат бенефитот на побрзата конекција што ја носат модерните автопати и коридори. Без разлика дали се работи за делници во една земја или онакви што овозможуваат меѓудржавно поврзување.
Причините за пролонгирање на изведбата некогаш се објективни, а некогаш субјективни. Непристапни терени, планини, тунели, промашени траси, финансиски пропусти, технички недостатоци… Во продолжение правиме пресек на неколку позначајни автопатски сообраќајници на Балканот.
Девет години за изградба на автопатот Кичево-Охрид?
Автопатот Кичево-Охрид во Северна Македонија е една од делниците што најдолго се гради. Критичарите велат дека по два километри автопат годишно да се изведувале од македонската самостојност во 1991 година до денес, автопатот Кичево-Охрид до сега ќе бил готов. Според документацијата, треба да биде долг 57 километри, а доколку се остварат последните најави целиот проект за автопатот ќе трае од девет до единаесет години.
Изградбата започна во 2014 година и планирано беше да овозможи поефикасно поврзување со главниот туристички центар во Северна Македонија. Првичните проекции беа дека ќе биде готов во 2018 година, но беа утврдени пропусти во трасата и рокот за изградба беше пролонгиран до јуни 2021. Последните најави од владата се дека тој ќе биде готов до крајот на 2023 година.
Од друга страна, автопатот Демир Капија-Смоквица долг 28 километри кој е дел од коридорот 10 се градеше шест години.
На делот од коридорот Ц5 во БиХ се чека 22 години
Коридорот Ц5 е меѓународен проект чија цел е поврзување на Унгарија и Јадранското море. Во Босна и Херцеговина од овој коридор ќе минуваат 325 километри. Автопатот во БиХ во рамки на овој коридор е наречен А1. Со овој проект треба да се поврзат крајниот север и крајниот југ на БиХ. Особено компликувана е изградбата на делницата Мостар Север – Мостар Југ. Таму се предвидени надвозници, пет тунели и десет мостови. Изградбата на оваа делница треба да започне во 2023 година, а рокот за завршување на изградбата е до 2026 година. Последниот рок за комплетна изградба на коридорот низ Босна и Херцеговина е до 2028 година. Изградбата на автопатот А1 започна во 2001 година.
Србија за две децении го комплетира Хоргош-Белград-Прешево
Еден од најголемите капитални проекти кога е во прашање Србија сигурно е автопатот А1 или познат како Прешево-Хоргош. Долг е 584 километри и овој автопат е во рамки на коридорот 10. Оваа делница има историја уште од времето на поранешна Југославија кога делови од денешните рути биле во склоп на автопатот Братство-Единство граден во СФРЈ.
Идејата на Србија, по распадот на поранешната држава, е автопатско поврзување со Унгарија и со Северна Македонија.
Првите километри изградени кон македонската граница, по завршување на војните во поранешна Југославија и ембаргото кон Србија и Црна Гора се во 1997 година. Делницата Печењевце-Грабовица беше пуштена во употреба во 2005 година. Во 1997 продолжи и изградбата на делот за поврзување со Унгарија. Делницата кон Северна Македонија до граничниот премин Прешево е долга 121 километар. Изградбата беше комплетирана во 2019 година, односно 22 години по отпочнувањето.
„Руга е Арбр” завршен во Албанија
Автопатот „Руга е Арбр“ е планирано да овозможи автопатско поврзување на Албанија и Северна Македонија. Комплетната должина на автопатот ќе биде 72 километри. Со него за 100 километри ќе се скрати растојанието меѓу Тирана (Албанија) и Дебар (Северна Македонија). Во делот на Албанија низ планински предели со шест тунели и четири мостови автопатот почна да се гради во 2017 година, а беше пуштен во употреба во ноември 2021 година.
Во Северна Македонија нема проекција за тоа кога би започнале активностите за комплетирање на оваа сообраќајница. Дури откако тој дел ќе биде завршен ќе може да се каже дека автопатот во целост ја постигнал неговата цел.
На Косово му беа потребни пет години за „Арбен Џафери”
Слична ситуација и со поврзаноста на Северна Македонија и Косово. Пет години траеше изградбата на косовскиот дел од автопатот Арбен Џафери кој оди до граничниот премин Блаце кон Северна Македонија. Овој дел е долг 65,5 километри. Во состав на автопатот кој се градеше од 2014 до 2019 година е еден од најдолгите мостови на Качаничката клисура.
Но кочницата за целосна изведба повторно доаѓа од македонска страна. И тоа за само 14 километри од Блаце до Скопје кои според најавите на претходната македонска влада треба да бидат изградени до крајот на 2023. Тоа ќе значи дека автопатот од околу 80 километри од двете страни целосно ќе биде готов за десетина години.