Колумбија пријави дека забележала неидентификуван објект во нејзиниот воздушен простор во моменти кога тензиите меѓу Вашингтон и Пекинг се на највисока точка поради соборувањето на леталото за кое американските власти тврдат дека е шпионски балон,
Националниот систем за противвоздушна одбрана на Колумбија во петокот утрината открил објект на надморска височина од околу 17.000 метри што претходно влегол во северниот сектор националниот воздушен простор, соопштија синоќа колумбиските воздухопловни сили.
Објектот се движел со просечна брзина од околу 46 километри на час, покажувајќи „карактеристики слични на балон“.
Колумбиските воздухопловни сили го следеле објектот со својот одбранбен систем додека не го напуштил нивниот воздушен простор.
„Објектот не претставуваше закана за националната безбедност, одбраната или воздушната безбедност“, соопшти военото воздухопловство, додавајќи дека сега соработуваат со други земји за да го откријат потеклото на објектот.
Војската на САД вчера во близина на брегот на Јужна Каролина собори летало за кое тврди дека бил кинески шпионски балон.
Пекинг тврди дека се работи за цивилен истражувачки балон штоп скршнал од курсот.
Портпаролот на американското Министерство за одбрана Пар Рајдер во петокот изјави дека втор балон бил забележан над Латинска Америка, но не даде други детали.