Командантот на четничкото движење во живо го слушаше говорот на Путин: „Ќе ви откријам зошто ме поканија!“
Тој тврди дека е единствениот српски командант кој го организирал четничкиот одред и го однел на Крим
Додека рускиот претседател Владимир Путин го држеше својот говор, во публиката будно беше следен од српски државјанин. Станува збор за Братислав Живковиќ, познат во јавноста во Србија како командант на четничкото движење во таа земја, јавува Радио Слободна Европа.
Живковиќ беше уловен од медиумите кои го следеа обраќањето на Путин како со телефонот од присутните го снимаа говорот на рускиот претседател. Уживаше во снимката од Москва и со тоа се пофали на својот Фејсбук. Во објава на таа мрежа Живковиќ тврди дека бил поканет на конференцијата на Путин како учесник во „специјална воена операција во Украина“.
Живковиќ на Фејсбук наведува дека е „единствениот српски командант кој организирал четнички одред и го однел на Крим во 2014 година“, а исто така тврди дека истата година учествувал „во одбраната на градот Луганск, а во 2018 година во одбраната на градот Доњецк“.
Србија со закон им забранува на своите граѓани да се приклучуваат на странски боишта, а досега во таа земја се донесени околу 30 пресуди за учество на бојното поле во Украина на руска страна.
Во интервју за РСЕ во 2016 година, Живковиќ изјави дека тој и уште 15 доброволци од Србија отишле да се борат во Луганск во источна Украина во 2014 година на страната на проруските, сепаратистички сили. Како што тврди тој е носител на орденот на руското Министерство за одбрана за „враќање на Крим“.
Две години по тоа интервју, во август 2018 година, Живковиќ беше уапсен во Србија поради основано сомневање дека организирал учество во војна во странство. Меѓутоа, во април 2019 година, обвинителството ја прекина истрагата против него.
Во Украина, Живковиќ беше под истрага од страна на Генералното обвинителство на Украина заедно со уште пет други државјани на Србија, за извршување напади врз украинските сили во регионите на Доњецк и Луганск на страната на проруските сепаратисти како дел од меѓународната екстремна десница „Unité Continentale“.
Групата „Unité continentale“ беше означена од страна на Генералното обвинителство на Украина во 2018 година како геополитичко екстремно десничарско движење. Како основачи на „Unité continentale“ се споменуваат двајца француски државјани – Виктор Лента и Никола Перовиќ . Според медиумите и двајцата биле француски воени ветерани.
Живковиќ имаше проблеми и со романските власти. Имено, таа земја го протера Живковиќ во 2017 година и му забрани влез во земјата откако тој наводно покажал интерес да дојде до тајни информации за воени постројки, соопшти тогаш државната служба за безбедност на таа земја. Живковиќ, наводно, бил фатен додека фотографирал воени радари на брегот на Црното Море, обидувајќи се да ги пренесе своите ГПС координати.
За потсетување, рускиот прорежимски канал на Јутјуб Prave vijesti претходно овој месец објави интервју со двајца српски платеници кои се приклучија на таа единица. И двајцата на видеото се маскирани и со качулки, се претставени со прекарите „Сава“ и „Дунав“, а самите се пофалија дека порано биле припадници на „српската воена полиција“.
Тие дојдоа, велат тие, „следејќи го повикот на срцето“ да ги заштитат „заедничките христијански вредности“ со нивните руски браќа. Војникот под псевдоним „Дунав“ вели дека дошол „да им помогне на браќата Руси бидејќи Србите ја претрпеле неправдата што ги снашла во 90-тите“. Српските платеници „Сава“ и „Дунав“ велат дека „Косово може да се ослободи само со помош на Русија“ и дека „војната во Украина е истовремено и војна за Косово“.
Неодамна во српските медиуми, вклучително и на телевизијата Russia Today Balkan, која емитува од Белград, беше објавено видео од вагнерската платеничка војска на Евгениј Пригожин , со која сакаат да регрутираат Срби за војната во Украина. Освен тоа, според независните српски медиуми, Вагнер ги раширил пипалата низ Србија и речиси непречено регрутира луѓе за војната. Мурали во чест на Вагнер се појавија во Белград.