Командант на КФОР: Подготвени сме да одговориме на секоја закана

– Командантот на КФОР Озкан Улуташ денеска изјави дека трупите на НАТО ги презеле неопходните мерки за да одговорат на секое можно насилство и закани.

Тој во интервју за РТК вели дека решавањето на проблемите во односите меѓу Косово и Србија треба да се прави по дипломатски пат, притоа давајќи приоритет на дијалогот.

– Мандатот на КФОР е јасен, да одржува мирна и безбедна средина во Косово, за сите негови луѓе, без разлика од каде доаѓа заканата. Дозволете ми да ве уверам дека ќе продолжиме со нашите напори да спречиме ескалација и сме подготвени да одговориме на секој предизвик, изјави тој.

Командантот на КФОР истакна дека тензиите во регионот се зголемени по насилниот инцидент на 24 септември и неприфатливите напади врз војниците на КФОР во мај.

– Како резултат на тоа, НАТО распореди дополнителни резервни сили со комплементарни способности. Сега одржуваме повеќе активности. Го зголемивме нашето присуство на северот на Косово и тројно го зголемивме бројот на патроли, вклучително и долж административно-граничната линија. Нашата цел е да спречиме ескалација, но во случај на ескалација, ние сме подготвени и опремени да ги преземеме сите неопходни мерки за да го исполниме нашиот мандат, рече Улаташ.