Комисијата за следење на комуникациите ќе го разгледува Годишниот извештај за работењето на ОТА за 2022
Собраниската Комисија за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите денеска ќе одржи седница на чиј дневен, меѓудругото, е и Годишниот извештај за работењето на Оперативно-техничката агенција (ОТА) за 2022 година.
Комисијата ќе ги разгледува и Годишниот Финансиски план за 2023 година на ОТА за средствата од надоместоците од Агенцијата за електронските комуникации, како и годишниот извештај за работата на Комисијата за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите во 2022 година.
Во текот на 2022 година, како што се наведува во извештајот за работењето на ОТА за 2022 година, за потребите на овластените органи во Република Северна Македонија, ОТА технички посредуваше во 369 нови активирања на мерката следење на комуникациите и 328 продолжувања на истата мерка.
– Од наведениот број од 369 нови активирања на мерката следење на комуникациите со техничко посредство на ОТА во 2022, 278 активирања на мерката беа за потребите на МВР. Од 328 продолжувања на мерката, 149 беа за потребите на МВР, стои во Годишниот извештај.
Понатаму, како што се вели во извештајот, согласно Планот за вршење стручни надзори над работата на операторите, во текот на минатата година од страна на надлежната Комисија на ОТА биле псроведени пет редовни стручни надзори кај телекомуникациски оператори – Македонски Телеком, А1 Македонија, Неотел, Телекабел и МТел.