Конкурс за доделување стипендии „Борис Трајковски“

Конкурс за доделување стипендии „Борис Трајковски“ за студии од втор циклус за пан-европската извршна МБА програма на Универзитетот Јорк за академската 2024-2025 година

Врз основа на Протоколот за соработка за доделување стипендии „Борис Трајковски” со архивски број на Министерството за образование и наука 08-7241/1 од 29.07.2024 година, потпишан во Скопје на 13/08//2024 година од страна на Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија и Сити Колеџ, Европскиот кампус на Универзитетот Јорк, и согласно член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/00, 44/02, 82/08, 167/10 и 51/11 и Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96/19, 110/19 и 121/24), Министерството за образование и наука распишува:

КОНКУРС

ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ СТИПЕНДИИ „БОРИС ТРАЈКОВСКИ” ЗА СТУДИИ ОД

ВТОР ЦИКЛУС ЗА ПАН-ЕВРОПСКАТА ИЗВРШНА МБА ПРОГРАМА НА УНИВЕРЗИТЕТОТ ЈОРК ЗА АКАДЕМСКАТА 2024/2025 ГОДИНА

Уписнина за 20 студенти за вонредни двегодишни студии од II (втор) циклус во рамки на Пан-европската извршна МБА програма со двојна диплома од Универзитетот Јорк и Универзитетот во Стразбур која се реализира во Солун, Грција, во рамките на стипендиите „Борис Трајковски“, и тоа за следните насоки:

Општ менаџмент
Маркетинг
Финансии
Менаџмент во логистика
Менаџмент во здравство
Менаџмент на човечки ресурси

На овој Конкурс може да се пријават стручни лица од различни профили и бизнис менаџери вработени во компании од приватниот и од јавниот сектор.

Средствата за стипендиите ќе се доделуваат како што следува:

За најдобрите 20 (дваесет) кандидати според критериумите наведени во конкурсот за доделување на стипендиите и според ранг листата изготвена од Комисијата за избор:

1. 50% од школарината ќе биде покриена од Универзитетот (7.445 евра/студент),

2. 50% од школарината ќе биде покриена од Владата на Република Северна Македонија (7.445 евра/студент).

Вкупната школарина за МБА програмата е 14.890 евра по студент.

Пан-европската извршна МБА програма е предвидено да се реализира за време на викенди, во Солун, Грција. Корисниците на стипендии треба да патуваат во Солун најмногу до еден викенд во месецот во период од две години и да учествуваат на студиските посети во траење од три недели: а) една недела на Универзитетот Јорк, Обединето Кралство, б) на Универзитетот во Стразбур, Франција една недела и в) една студиска недела во Солун, Грција. Сите предавања ќе бидат на англиски јазик. По успешно завршување на дуалната МБА програма, студентите ќе добијат 2 (две) дипломи за извршни мастер студии по деловна администрација и тоа од Универзитетот Јорк и од Универзитетот во Стразбур.

Стипендиите ги покриваат само средствата за уписнина. Останатите средства (патни трошоци, сместување и други животни трошоци) се на товар на кандидатот.

УСЛОВИ ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ

Кандидатите кои ќе конкурираат треба да ги исполнуваат следните услови:

· Да имаат завршено академски универзитетски студии од прв циклус;

· Да имаат работно искуство од минимум 3 години;

· Да имаат одлично познавање на англискиот јазик (TOEFL сертификат со резултат 89 кога се полага преку интернет или IELTS со резултат 6,5 или нивен еквивалент). Кандидатите кои имаат завршено средно образование, додипломски или постдипломски студии на англиски јазик не се обврзани да приложуваат ваков сертификат. Кандидатите кои не поседуваат еден од горенаведените сертификати, ќе бидат тестирани од страна на Сити Колеџ во Скопје на датум и локација за кои дополнително ќе бидат известени.

Како критериуми за избор ќе се сметаат:

1. Степенот на стекнато образование и просекот. Кандидатите кои имаат магистратура или докторат во која било област ќе имаат предност при изборот;

2. Како предност при изборот на кандидатите ќе се смета квалитетот и времетраењето на работното искуство, како и нивото и времето поминато на менаџерски позиции кои кандидатот ги имал во текот на работното искуство,

3. Нивото на познавање на англискиот јазик..

ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ

· Пријава (објавена на веб страницата на Министерството за образование и наука);

· Пополнет формулар за аплицирање (објавен на веб страницата на Министерството за образование и наука);

· Судски превод на англиски јазик од дипломата за завршени академски студии од прв циклус и од уверението за положени испити со оценки и просечен успех;

· Фотокопија од сертификатот за познавање англиски јазик, заверена на нотар;

· Една писмена препорака (во запечатено и потпишано плико);

· Биографија на англиски јазик;

· 4 фотографии (во големина за пасош).

ИЗБОР НА КАНДИДАТИТЕ

Изборот на кандидатите ќе се изврши од страна на заедничка Комисија составена од по еден претставник на потписниците на Протоколот, во согласност со критериумите на Универзитетот Јорк и законските прописи на Република Северна Македонија.

Сите документи се приложуваат во три (3) примероци (еден оригинал и две фотокопии).

Краен рок за пријавување: 13 септември 2024 година.

Документите е потребно да се достават на следната адреса:

Министерство за образование и наука, ул. „Св. Кирил и Методиј” бр. 54 (зграда на Нова Македонија, Архива-приземје), 1000 Скопје со назнака „Стипендии Борис Трајковски”.

Лица за контакт: [email protected] и [email protected]