Контролорите на летање во Македонија најавуваат штрајк на 12 октомври

Синдикатот на контролори на летање во М-НАВ за услуги на воздухопловна навигација најави штрајк за 12 октомври, при што од 11 до 17 часот нема да се опслужуваат летови на скопскиот и охридскиот аеродром.

Претседателот на Синдикатот Александар Тасевски за АИМ изјави дека сакаат да го прекинат, како што рече, непрофесионалното однесување на директорите во однос на процесите на вработување, внатрешните прераспределби, условите за работа и опремата што треба да се набави за модернизација на системот на работа.

Тој рече дека подолго време го информирале Министерството за транспорт за неповолните услови.

Според Тасевски, „вработувањето се врши со кршење на актите за развој на кариерата, приоритет имаат оние кои ги избираат менаџерите за вработување, а тоа не го гарантира квалитетот на личноста и создава револт кај квалитетниот кадар на кој не се дава можност за напредок“.

„Запрете го хаотичното однесување и однесувајте се професионално и контролата на летање го зазема своето место во рамките на контролата на летање на Балканот и во Европа. Во службите кои се повторно ангажирани, бројот се зголемува, се распишуваат конкурси кои траат три дена, а лицата кои ги ангажираат на тие позиции не можат да ги задоволат потребите на работниот процес, а потоа се користи како причина за дополнително вработување“ , вели Тасевски.

Тој нагласува дека од над 300 вработени во Контрола на летање, само 70 се оперативни контролори, за разлика, како што вели, на пример во Словенија каде има 240 вработени, но 120 контролори.

Едно од барањата е ангажирање на надворешна компанија која ќе прави функционална анализа какви услуги и кадри од профили се потребни, како и документ кој во иднина ќе биде потпора во случај на неосновани постапувања на менаџментот.

Тој рече дека реагираат и поради застарената опрема инсталирана во 1999 година која до сега само се одржувала, иако треба да се менува на секои седум години.

„Поради ваквата состојба на опремата, годинава воведовме рестрикции за да не се прифатат на лет поголем број авиони, бидејќи опремата не можеше да се поправи. Се соочуваме и со проблеми со водата и одржувањето на хигиенските услови. Откако ја објавија информацијата за штрајкот, почнаа да се закануваат по телефон, што ги пријавивме во полиција и во канцеларијата на М-НАВ“, рече Тасевски.