Конференција: Кога имавме еден Клинички центар најголемиот долг беше 6 милиони евра, а денес само Онкологија должи преку 20 милиони евра

Клиничкиот центар брои 36 клиники и има комплетен буџет од околу 9 – 10 милиони евра. Кога беше еден, до 2008 – 2009 година, со еден директор и еден Управен одбор, најголемиот долг изнесуваше околу 6 милиони евра, а сега преку 20 милиони евра долг има само Клиниката за онкологија. Се ставија многу директори, од еден на времето, сега има 66 заедно со економските, како и 36 управни одбори. Тоа значи дека на месечно ниво се трошат огромни суми пари. Ако тие се вложат паметно и ако се врати Клинички како што беше до 2008-ма, ќе има голем бенефит и за здравствените работници и за народот, рече денеска претседателот на Самостојниот синдикат на вработените во универзитетските клиники, центри, клинички болници и други јавни здравствени установи во земјава, Предраг Серафимоски.

Како што истакна Серафимоски на конференцијата „Влијанието на корупцијата и непотизмот врз реформите, платите и капацитетите на јавниот сектор“, ситуацијата во здравството е алармантна – има корупција при набавка на медицинска опрема, материјали и лекови, има непотизам при вработување, граѓаните се научени да даваат „бакшиш“ само за да завршат работа на лекар, докторите и останатиот медицински персонал масовно ја напуштаат државата,… 

Закони има, напомена Серафимоски, но некој треба да ги спроведува. Ако се утврди коруптивна зделка, треба да има високи казни и тие да се почитуваат.

Претседателот на Самостојниот синдикат, „излезот“ го гледа, пред се, во зголемување на платите на лекарите и медицинскиот персонал. Без тоа, како што потенцира, залудно е да се градат или да се модернизираат болниците.

-Корупцијата во нашето општество е општо прифатена норма, а позната е уште како „бакшиш“. Перцепцијата на граѓаните е дека во здравството има голема корупција, и во јавното и во приватното. Во приватното здравство каде платите се далеку поголеми, постои тенденција граѓанинот, за да заврши работа за добро на своето или здравјето на фамилијата, сака да го почести докторот. Но, така е и во јавното здравство – тоа ни е веројатно во генот. Која било партија да е на власт, прво треба да се зголемат платите во здравството, инаку е се залудно. Залудно е да се прават болници и да се модернизизраат ако лекарите и останатиот медицински персонал масовно бегаат и има егзодус, најмногу во Германија и Австрија, а во последно време и во Шведска и Норвешка. Ако продолжиме со оваа политика, за кратко време ќе нема кој да го лечи народот, ќе се вратиме на бајачки, истакна Серафимоски и повтори дека од 450 доктори, 430 земаат лиценци на англиски и германски јазик.

Ова, дополни, треба да им биде јасно на сите политичари.

-Вака веќе не може. Фондот е максимално искористен, се испумпуваат пари во приватните здравствени организации, а сите најтешки пациенти повторно завршуваат во јавното здравство. Треба да се сменат законите за нулта толеранција на корупција и да се прибилижиме кон европските норми, но без зголемување на платите се друго е ирелевантно, рече Серафимоски.

Претседателот на Синдикалната организација на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој при САДУ и член на претседателството на Синдикатот на администрацијата и државната управа на Македонија (САДУ) при КСС, Стефчо Негриески, изнесе податок дека почетната плата на судија во земјава е 130 000 денари, а на лекар специјалист 45 000. Според него, „Систина“ има помал буџет од Струшката болница, а ако се споредат условите и платите, може да се заклучи дека пари има, но не се домаќински потрошени.

– Парите се крадат, пари има, но не се домаќински потрошени, нагласи Негриески.