Сирени за воздушен напад се огласија попладнево и на југот и на северот на Израел, по што бил истрелан бараж ракети од Појасот Газа и Либан.
Хамас, кој владее со Газа и е присутен и во Либан, ја презеде одговорноста за истрелувањето ракети од земјата кон северен Израел.
Како што е соопштено, либанскиот огранок на Хамас истрелал 30 ракети врз градовите Нахарија и Шломи.
Израелската армија потврди дека биле истрелани дваесетина ракети и оти одговорила со артилериски оган.
Израелските медиуми денеска јавуваат за ракетирање и пукање од јужен Либан во правец на северен Израел и оти судирите меѓу израелската армија и либански Хезболах и другите екстремистички организации продолжуваат додека трае војната во Појасот Газа.
Сирените се огласија во неколку населени места во северниот дел на Израел, меѓу кои Нахарија и Кирјат Шмона, со население од околу 90.000 жители.
Претходно денеска врз еден кибуц во близина на границата беа истрелани два наведувани противтенковски проектили, но нема повредени, а израелската армија одговори со артилериски оган.
Се проценува дека денешниот ракетен напад од Либан во северен Израел е најтешкиот по нападите на Хамас врз јужниот и централниот дел на Израел на 7 октомври, со кои почна војната.
Нападите од Либан го најавуваат отворањето на вториот фронт за израелската армија додека се подготвува да почне копнена офанзива на Појасот Газа.
Хезболах веќе истрела десетици ракети, вклучително и противтенковски и минофрлачки проектили, врз израелски воени позиции и населби од почетокот на војната и испрати вооружени лица, од кои некои се поврзани со палестински екстремистички организации, да се инфилтрираат во Израел.
Неколку дронови беа пресретнати над северен Израел.
Во размената на оган загинаа најмалку пет израелски војници и 13 членови на Хезболах, како и пет палестински екстремисти. Во нападот на Хезболах во неделата загина и еден израелски цивил, а во израелското гранатирање загинаа и двајца либански цивили и еден новинар.
Началникот на Генералштабот на израелската армија Херзи Халеви оваа недела изјави дека ако проиранскиот Хезболах „направи грешка“ и го нападне Израел, тој „ќе се соочи со уништување“, што е закана и за Хамас.