Косово го одбележа 27 април – Национален ден на исчезнати лица

По повод 27 април, Национален ден на исчезнати лица, косовскиот премиер Албин Курти и претседателот на Собранието Глаук Коњуфца и останатите претставници на институциите и членови на семејствата на исчезнатите, оддадоа почест во Приштина пред споменикот посветен на исчезнатите лица на Косово.

Во таа пригода, Курти изјави дека од пет масовни гробници во Србија досега се ексхумирани околу 950 тела, но дека се уште повеќе од 1.600 лица се водат како исчезнати. Нагласи дека на сите им е потребна правдата и одговорноста. Тој го повика Државното обвинителство изјавите на илјадници сведоци на воени злосторства да се претвори во обвиненија за одговорните.

Курти рече дека очекува прашањето за исчезнатите лица итно да се решава на состанокот со претседателот на Србија Александар Вучиќ со посредство на Европската унија на 2 мај во Брисел.

„Очекувам на состанокот на 2 мај најитно да се решава прашањето за исчезнатите, бидејќи жртви не се само исчезнатите и нивните семејства, туку и целата наша нација. Ситуацијата со исчезнатите е посебна затоа што вознемиреноста е поголема од тагата, а гневот е поголем од страдањето. Затоа, очекувам на 2 мај од европските посредници, како што кажавме на 18 март, итно да се посветиме со ова прашање“, нагласи Курти, пренесе ТРТ Балкан.

Претседателот на Собранието на Косово, Коњуфца, изјави дека едно од најстрашните злосторства е насилното киднапирање и исчезнување на илјадници албански граѓани од државниот, воениот и полицискиот апарат на Србија.

„И денес многумина од нив, повеќе од 1.600, се водат како исчезнати, не затоа што не знаеме каде се, знаеме точно, знаеме и кој е одговорен за нивните киднапирања и насилно исчезнување, тоа е државата Србија. Фактот дека многумина од оние кои се пронајдени, пронајдени се токму во институциите кои Србија ги направила за себе, како што беше случајот со воениот полигон, говори дека Србија точно знае каде се наоѓаат“, истакна Коњуфца. Претставникот на семејствата на исчезнатите во војната Бајрам Керкини, кому му исчезнал синот, рече дека институциите не направиле доволно за да се расветли судбината на исчезнатите.

„Прашањето на исчезнатите секогаш треба да биде број еден бидејќи бараме луѓе, бараме деца, 132 деца не се пронајдени. Замислете ги сега тие мајки со празни колевки. Замислете што тие мајки мислат и сите ние сме мајки. Во Република Косово има многу мајки кои дури и не спијат, како што ниту мојата жена не спие. Ноќе знае да извика „доаѓа синот“, а јас и велам да спие бидејќи не дошол, а таа вели „го слушам на скалите“. Сите мајки ја имаат таа болка“, нагласи Керкини.

Главните преговарачи на Косово и Србија, Бесник Бислими и Петар Петковиќ, на почетокот на април го договорија текстот на Декларацијата за исчезнати лица, што беше прв чекор во согласност со анексот на Договорот за патот за нормализирање на односите меѓу Приштина и Белград, што беше договорено на средбата на највисоко ниво на 18 март во Охрид.

Декларацијата би требало официјално да ја поддржат лидерите на двете страни, Албин Курти и Александар Вучиќ, на претстојниот состанок во Брисел на 2 мај.