Косово: Иселувањето на институциите на Србија од општината во Северна Митровица одложено за две недели
– Општинските власти на Северна Митровица го одложија за две недели извршувањето на одлуката за иселување на неколку институции на Република Србија од објектот за кој ја немаат потребната документација за користење.
Градоначалникот на Северна Митровица, Ерден Атиќ, за „RTKlive“ потврди дека рокот за иселување од зградата, што истекува денес, е продолжен за две недели.
Општинската инспекција на Северна Митровица побара од претставниците на српските институции, кои ја користат општинската зграда, да подготват документација за користењето на објектот или да го испразнат објектот за три дена.
Српска листа потврди дека претставниците на градоначалникот на Северна Митровица ги известиле вработените во зградата каде што се наоѓа и Канцеларијата за Косово, службите на дирекцијата на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Србија, Косово-митровичкиот управен округ и Центарот за социјални работи Вучитрн, дека мора да се иселат во рок од три дена.
Реагираше Канцеларијата за Косово во Владата на Србија, која оцени дека со ваквата одлука се загрозува егзистенцијата и правото на работа на околу 40 вработени лица кои работат во оваа зграда.
И Европската Унија вчера изрази загриженост за можните импликации врз безбедносната ситуација поради одлуката на Општина Северна Митровица за користење на јавниот и општински простор и згради, со која се бара од субјектите под управа на Србија да ги напуштат своите простории доколку во краток рок не ја достават бараната документација.
Портпаролот на ЕУ, Петер Стано, истакна дека таа одлука не е донесена во координација со Европската Унија и е спротивна на тековните напори за деескалација на тензиите меѓу Косово и Србија.
„Прашањето за структурите кои ги води Србија мора да се реши во рамките на дијалогот што го води ЕУ и треба да се реши во контекст на формирањето Заедница на општини со српско мнозинство“, рече Стано.
Тој додаде дека ЕУ смета дека е од клучно значење што поскоро да се организираат вонредни локални избори во четирите општини на северот на Косово, на кои косовските Срби треба да учествуваат без поставување предуслови.
И Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Косово соопшти дека одлуката на локалните власти во Северна Митровица да ги иселат српските институции од општинската зграда не е донесена во координација со меѓународната заедница, ниту е во согласност со нејзините барања да не се преземаат активности кои би можеле да доведат до ескалација на ситуацијата.