Косовската претседателка Вјоса Османи ја повика Шпанија и другите членки на ЕУ да воведат санкции кон Србија
Косовската претседателка Вјоса Османи денеска во Гранада изјави дека се надева оти Шпанија ќе им се придружи на другите европски земји во воведувањето санкции кон Србија поради минатонеделните настани на северот на Косово, кои таа ги опиша како „ужасни“.
„Нема причина да се сретнеме (со Србија) пред да се воведат санкции“, рече Османи на новинарите на самитот на Европската политичка заедница во јужниот шпански град Гранада.
Тензиите меѓу Белград и Приштина ескалираа на 24 септември кога косовската полиција се судри со вооружена група во селото Банска, северно Косово. Еден полицаец и тројца од напаѓачите загинаа.