„Буџетот за култура треба да е уреден со закон за да не се крати за културните проекти. Кратењето на буџетот е заради обезбедување на платите на културните работници согласно Колективниот договор што изнесува 51,3 отсто, и е заслужено бидејќи 15 години се бореа за своите права“, изјави министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Во гостувањето во емисијата „Стадион” на радио Канал 77 Костадиновска – Стојчевска додаде дека сите аномалии со бодувањето и доделувањето на платите во минатото се спроведува согласно со закон и вреднување на работата на уметниците и културните работници.
На прашањето за обивањето на просториите на Културно-информативниот центар на Република Бугарија во Скопје и за различните реакциите од страна на Бугарија, министерката кажа дека се слушнала со Антонија Велева, директорка на Центарот и ја уверила дека Центарот не треба да е мета на напади.
„Навистина имаме плодна културна соработка со Бугарија, нашите уметници континуирано учествуваат на фестивали и манифестации во Бугарија и обратно така што јасно е дека културата нема граници“, порача министерката.
За поплавата во МНТ, според Костадиновска–Стојчевска оваа најпрестижна театарска институција во земјава заслужува да биде сместена во квалитетно изграден објект.
„За жал, иако станува збор за релативно нов објект, заради поплавата техничкиот директор мораше да плива во водата за да ја склучи струјата. За да се испумпа водата моравме да побараме помош од другите министерства. А станува збор за релативно нов објект. Центрите за култура во Струмица и во Битола пак, започнуваме да ги реновираме оваа година. Имаме објекти кои се изградени пред десетина години и се распаѓаат, но ниту една институција не ја оставаме, туку од година во година сите плански ќе ги реновираме, затоа што во секој град секоја културна сцена заслужува да биде реновирана и модерна според светски стандарди“, кажа Костадиновска-Стојчевска, се посочува во соопштението од Министерството за култура