Костадинов по стапките на Бранко, го замрзна членството во СДСМ: Не доби нова кандидатура, па рече со ова раководство НЕ
Мојата партиска припадност од денес е замрзната во СДСМ. Не со ова раководство, не додека СДСМ не се врати таму каде што ѝ е местото, најмалку каде што е сега. Ова не е крај. Ова вечерва на својот официјален фејсбук-профил го напиша струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов, откако претседателот на СДСМ Венко Филипче објави дека партијата на локалните избори ќе оди со друг кандидат. Тој најави дека по локалните избори ќе почне со креирање на ново интерпартиско делување.
Преку фејсбук статус во кој се обрати до граѓаните на Струмица, Костадинов ги наброја неговите успеси како градоначалник и потсетува дека од 2013 не изгубил ниту едни избори.
„Во сегашната политичка слика, мојата кандидатура – од која било партија – е бесмислена. Не затоа што се плашам од пораз… нема вистинска понуда за градот. Нема суштинска дебата. Нема нова визија. Нема предизвик… Во моментов нема таква трка без реална конкуренција и со немање стратешка партиска поставеност по хоризонтала и вертикала…Свесен за тешката состојба во која се наоѓа мојата партија, од безидејноста, сакам да помогнам за жал нема како… Во следните месеци, ќе започнам со креирање на ново интерпартиско делување, кое ќе биде презентирано по завршувањето на локалните избори“, вели Костадинов.
Тој најавува прецизна и мотивирачка стратегија, „која ќе обедини авторитети што ѝ недостигаат на СДСМ, тешки за да бидат непривлечни за политичките авантуристи, и доволно забавни за да се пронајдат младите“.