Кој е новинарот што го праша Зеленски дали воопшто поседува одело?

Средбата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски се претвори во вистинско фијаско. Трамп и Зеленски се расправаа пред камерите, при што Трамп викаше на украинскиот претседател и го замолкнуваше. Ситуацијата кулминираше со ненадејно прекинување на посетата на Зеленски, а беше откажана и заедничката прес-конференција, на која двајцата лидери требаше да потпишат договор за минерали.

Новинарот на Трамп со потсмев кон Зеленски: „Имате ли воопшто одело?“

За време на средбата во Овалната соба во Белата куќа, се случи уште еден интересен момент.

Про-Трамповиот новинар Брајан Глен со потсмев му се обрати на Зеленски поради неговиот стил на облекување.

„Зошто не носите одело? Вие сте највисокиот функционер на вашата земја, а одбивате да носите одело. Само сакам да видам дали воопшто поседувате одело,“ праша Глен.

За тоа време, потпретседателот Џеј Ди Ванс се насмевнуваше во позадина.

Зеленски кратко одговори: „Имате проблем со тоа?“

На тоа, новинарот додаде: „Имам проблем со непочитување …“

Зеленски му возврати: „Ќе носам костум кога ќе заврши војната. Можеби нешто како вашето, можеби нешто подобро, не знам, ќе видиме. Можеби нешто поевтино.“

Кој е Брајан Глен?

Провокативното прашање го постави Брајан Глен, главен дописник од Белата куќа за „Real America’s Voice“, десничарска медиумска мрежа каде често гостуваат сојузниците на Трамп.

Глен е водител на „Real America’s Voice“ поткастот, кој е многу популарен меѓу поддржувачите на „MAGA“ движењето. Познат е по неговиот агресивен стил на известување и е доста активен на социјалните мрежи.

Тој е во врска со републиканската конгресменка Мерџори Тејлор Грин, а голема популарност стекна со ексклузивни интервјуа со Трамп и преноси во живо од неговите митинзи.

За себе и Мерџори Тејлор Грин вели дека се „омилената двојка на MAGA движењето“.