Кој е Јаков Милатовиќ кој со Мило влезе во вториот круг на претседателските избори во Црна Гора? Има 37 години, бил министер и стипендист на американската и британската влада
Еден од лидерите на Движењето Европа сега, Јаков Милатовиќ , влегува во вториот круг од претседателските избори во Црна Гора, заедно со актуелниот претседател на земјата и Демократската партија на социјалистите (ДПС), Мило Ѓукановиќ.
Кој е Јаков Милатовиќ?
Роден е во 1986 година во Подгорица, каде што завршил основно училиште и гимназија. Додипломските студии на Економскиот факултет на Универзитетот во Црна Гора ги завршил со просечна оценка 10 и бил студент на неговата генерација.
Како стипендист на американската влада тој престојуваше на Универзитетот во Илиноис, како стипендист на австриската влада на Универзитетот во Виена и како стипендист на Европската комисија на Универзитетот во Рим. Магистерските студии од областа на економијата ги завршил на Универзитетот во Оксфорд како стипендист на британската влада.
Работел во НЛБ банка, Дојче банк, а потоа и во Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).
Стекнал други искуства и обука во рамките на германската фондација Конрад Аденауер, Лондонската школа за економија, Универзитетот во Пекинг, Академијата за лидерство на Универзитетот Стенфорд и други.
Автор е на повеќе стручни трудови и коавтор на две книги.
Милатовиќ беше министер за економски развој во владата на Здравко Кривокапиќ, како и кандидат за градоначалник на Подгорица.
Во претседателската трка влезе како резултат на сплет на околности.
На крајот на јануари, Претседателството на Движењето Европа го избра својот лидер Милојко Спајиќ за претседателски кандидат.
Спајиќ, како и Милатовиќ, е поранешен министер, а „Европа сега“ се викаше нивната економска програма. Подоцна формираа истоимено движење, кое беше најголемиот победник на локалните избори во 2022 година, а на Милатовиќ му беше наменета функцијата градоначалник на Подгорица.
Но, поради проблеми со престојот и двојното државјанство, Државната изборна комисија (ДИК) ја одби кандидатурата на Спајиќ за претседател на Црна Гора, па се кандидираше Милатовиќ.