КРАЈОТ НА ВОЈНАТА ВО УКРАИНА НЕ Е НИТУ НА ПОВИДОК – Белата куќа тврди: “И покрај сета возбуда, погледнете како всушност Владимир Путин се однесува“

Крајот на 2023 година беше обележан со разни пишувања односно објави по не толку ефикасната пролетна украинска контраофанзива и очигледниот ќор-сокак на бојното поле, дека Киев и Москва сепак би можеле да започнат некакви мировни преговори.

Едно време Вашингтон и Берлин дури побараа од претседателот на Украина, Володимир Зеленски, да постави некаква „преговарачка рамка“ или минимум со кој ќе се оди кон Кремљ. Но, се чини дека ништо нема да излезе од тоа. Прво, Владимир Путин кажа дека преговорите може да се водат, но само под руски услови, второ, дека нема намера да се откаже од првичните планови за кои беше покрената агресијата, што само по себе не предвидува рамноправни преговори и, трето, Владимир Путин може да преговара, но не со Украина, туку со САД за Украина.

И покрај сета будалаштина за наводната подготвеност на Владимир Путин да преговара, очигледно е дека тој не се однесува како личност што сака да преговара“, вели Џон Кирби, координатор на Белата куќа за стратешки комуникации во Советот за национална безбедност, пренесуваат светските медиуми.

За да ги потврди своите зборови, претставникот на Белата куќа го привлече вниманието на фактот дека Русија во последните денови продолжи со масовни напади со беспилотни летала и проектили врз цели низ Украина, вклучувајќи не само воени, туку и цивилни цели.

Тој прави се што може за да ги спушти на колена Украинците и затоа е особено важно барањето до Конгресот за дополнително финансирање презентирано од претседателот Џо Бајден да биде одобрено“, нагласи Џон Кирби

Да потсетиме, New York Times, повикувајќи се на дипломатски извори, на почетокот на декември напиша дека Владимир Путин „почнал да испраќа сигнали“ уште во септември дека е подготвен за разговори за прекин на огнот и за замрзнување на ситуацијата на првата линија.

Сепак, тој неодамна тврдеше дека Запад сака да и нанесе стратешки пораз на Русија и дека западњаците се нивни непријатели. Затоа, аналитичарите на Институтот за проучување на војната (ISW) сметаат дека Владимир Путин сака да ја дефинира војната против Украина како војна на Запад против Русија за да му даде посилна позиција на преговарачка маса.