Крвнички ја претепал жена му па таа си ги пресекла вените! Страшно насилство во Битола, монструмот сè уште е во бегство!
Основното јавно обвинителство Битола денеска поднесе обвинителен акт за брутално семејно насилство против 40-годишен маж од тој град, кој е во бегство.
Како што се наведува во соопштението на обвинителството, на 21 октомври 2024 година, обвинетиот сурово, противправно и насилно го држел својот поранешен партнер затворен во неговата викендица во атарот на селото Нижеполе во близина на Битола.
„Ја тепал со тупаници, и’ удирал шлаканици и клоци по главата и телото, ја влечел за коса и физички ја повредил. Оштетената не можејќи да го поднесе насилничкото однесување посегнала по ножот и ди ги пресекла вените на левата рака. И покрај тоа, пријавениот продолжи да ја тепа и малтретира“, се вели во соопштението.
Обвинителството против 40-годишниот битолчанец поднесе обвинителен акт со кој се товари за две кривични дела „противправно лишување од слобода“ и „телесна повреда“.
Се истакнува дека од самиот почеток на кривичната постапка, која беше покрената на 30 октомври минатата година, на предлог на јавен обвинител, на обвинетиот му е одредена мерка притвор, кој треба да почне да се спроведува по неговото откривање и приведување.
„Со поднесувањето на обвинителниот акт обвинителството бара мерката притвор да остане во сила иако лицето се уште е недостапно за органите на прогонот. Јавниот обвинител веќе има издадено наредба за издавање национална потерница и презел сите неопходни чекори за евентуална екстрадиција на лицето доколку се утврди дека се наоѓа во друга држава“, се вели во соопштението на Обвинителството на Битола.