Кремљ денеска соопшти дека одлуката за замрзнување на банкарските сметки на финските амбасади и конзулати во Русија е одговор на тоа што го нарече, непријателски дејствија на „колективниот Запад“, вклучително и Финска.
Официјални лица од Финска и Данска вчера соопштија дека дипломатските банкарски сметки на двете земји во Русија се замрзнати, барајќи од нивните амбасади да вршат плаќања во готовина.
Финска, која дели долга граница со Русија, официјално се приклучи на НАТО на 4 април во историскиот политички пресврт поттикнат од војната во Украина, која Москва ја нарекува „специјална воена операција“.
Руските амбасади ширум Европа оттогаш имаа проблеми со нивните банкарски сметки, а во некои случаи им беа одземени средствата за да ја казнат Москва за нејзините постапки во Украина.
Коментирајќи го руското замрзнување на финските дипломатски банкарски сметки, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков рече: „Ова не е иницијатива на руската страна. Ние реагираме на ситуацијата создадена од владите на неколку земји на колективниот Запад, вклучувајќи ја, за жал и Финска“.
Песков рече дека Русија никогаш не ги оставила „непријателските акции“ без одговор.