Кремљ: Тврдењата дека Русија стои зад смртта на Пригожин се „апсолутна лага“

 – Кремљ истакна дека тврдењата дека Русија стои зад смртта на шефот на „Вагнер“, Евгениј Пригожин, се „апсолутна лага“.

„Сега, секако, има многу шпекулации околу оваа авионска несреќа и трагичната смрт на патниците од авионот, меѓу кои и на Евгениј Пригожин. Се разбира, на Запад сите овие шпекулации се претставени од одреден агол. Сето ова е апсолутна лага“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на брифингот за новинарите во Москва.

Тој истакна дека истрагата за авионската несреќа којашто се случи во средата продолжува, и дека резултатите ќе бидат обелоденети кога ќе бидат достапни.

„Доколку внимателно ја слушавте вчерашната изјава на рускиот претседател (Владимир Путин), тој рече дека ќе бидат спроведени сите потребни испитувања, вклучително и генетските. Официјални резултати [сѐ уште] нема. Штом ќе бидат подготвени за објавување, ќе бидат објавени“, рече Песков.

Руските власти потврдија дека Пригожин бил во авионот што се урна во руската област Твер. Министерството за вонредни состојби соопшти дека сите 10 лица во авионот загинале.

Претседателот Владимир Путин вчера изрази сочувство до семејствата на загинатите и за Пригожин рече дека бил „талентиран човек“ со „тешка судбина“. Путин нагласи дека Москва темелно ќе ги истражи причините за несреќата.