Кривична пријава за измамничка од Бугарија: Им кажувала на жените дека нивните ќерки предизвикале сообраќајни несреќи
Полицијата уапси 58 годишна жена од Бугарија која се сомничи за измама на две жени од Куманово и Свети Николе. Жителката на Бугарија им кажувала на жените дека нивните ќерки предизвикале сообраќајни несреќи и им се потребни пари за лекување. Полицијата и поднесе кривична пријава, соопшти денеска СВР Куманово.
– Одделот за криминалистичка полиција при БЈБ – Сектор за општ и насилен криминал во соработка со СВР Куманово, СВР Скопје и ОВР Свети Николе расчисти две кривични дела „измама“ извршени на 29. ноември и 10. декември, лани, врз две жени од Куманово и Свети Николе и ќе поднесе кривична пријава против В.Е.И.(58) од Република Бугарија поради сомнение дека ги извршила делата. Осомничената ги сторила делата на тој начин што се јавувала кај оштетените и им кажувала дека нивните ќерки предизвикале сообраќајни несреќи и дека се наоѓаат во тешка состојба и затоа требале да дадат одредена сума на пари на лекар за да им бидат извршени хируршки интервенции, соопшти СВР Куманово.
В.Е. И била уапсена вчера во 18:45 часот на Граничниот премин „Деве Баир“. Полициски службеници ја лишиле од слобода по што била пренесена во СВР Куманово, каде што бил извршен службен разговор со неа.
Повозрасната кумановка беше измамена на 10 декември, лани за 10.000 евра. Полицијата апелираше до повозрасните граѓани да внимаваат кога им се јавуваат непознати лица со слични приказни.