„Криволак“ ќе биде домаќин на „Брз одговор 23“, најголемата воена вежба годинава во Северна Македонија

– Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата на Северна Македонија споделија информации за претстојната мултинационална воена вежба „Брз одговор 23“ (Immediate Response 23).

На брифингот организиран во касарната „Илинден“ во Скопје присуствуваа министерката за одбрана на Северна Македонија, Славјанка Петровска, заменик-началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, заменик-амбасадорот на САД во Северна Македонија, Ерик Мејер, и командантот на Командата за операции, бригадниот генерал Бесник Емини.

На брифингот беа дадени подетални информации за видот, целите, активностите и учесниците на вежбата.

За време на вежбата ќе се користи стандардна маневарска и бојна пешадиска и артилериска муниција, а за прв пат ќе се реализира пробна употреба на роботизираното возило т.н. Проект Ориџин (Project Origin), кое сè уште е во развојна фаза.

На брифингот исто така беше истакнато дека на вежбата што ќе се реализира од 22 мај до 2 јуни во центарот за воена обука „Криволак“, ќе учествуваат над 1.850 учесници од 5 земjи.

Меѓу нив, 4 земји се НАТО-членки: Северна Македонија, која ќе учествува со 500 учесници, САД со 1.000 учесници, Албанија со 130 учесници и Црна Гора со 40 учесници. Исто така, на вежбата учествува и една партнерска земја, Косово, со 160 учесници.

По брифингот, министерката за одбрана, Славјанка Петровска, и заменик-амбасадорот на САД, Ерик Мејер, дадоа изјави за медиумите.

– „Главната цел на оваа вежба е развивање на способностите на здружено дејствување“.

Во својата изјава, министерката Петровска истакна дека Северна Македонија покажува дека е активен и кредибилен член на НАТО-алијансата.

Таа рече дека за оваа година, ова ќе биде најголема вежба којашто ќе се случи на територијата на Северна Македонија.

„Главната цел на оваа вежба е развивање на способностите на здружено дејствување кои понатаму ќе бидат гарант, и се веќе гарант за безбедноста на регионот и на Алијансата. За нас како земја е исклучително важно што повторно ќе покажеме дека нашиот најголем армиски капацитет, односно полигонот Криволак ќе се искористи и понатаму за изведување на големи и комплекси вежби на нашата територија“, рече Петровска.

Министерката додаде дека оваа вежба е уште еден показател на стратешкото сојузништво што Северна Македонија го има со САД.

Таа исто така посочи на посветеноста за заштита на животната средина, додавајќи дека за време на вежбата е организиран мониторинг на влијанието на вежбовните активности врз животната средина.

Заменик-амбасадорот на САД, Ерик Мејер, нагласи дека оваа вежба е една голема активност и ја покажува посветеноста на Северна Македонија.

Тој информираше дека на вежбата ќе учествуваат членови од копнените сили на САД за Европа и Африка, како и Националната гарда на Минесота.

„Ваквите вежби помагаат во градењето на подготвеноста и унапредувањето на оперативните способности на НАТО-сојузниците. Силите на Северна Македонија се интегрален дел од демонстрацијата на подготвеноста и интероперативноста заедно со партнерите и другите сојузници“, истакна Мејер.

Тој рече дека распоредувањето на силите на САД во Европа е доказ за континуираната посветеност на НАТО-силите за Европа, која е слободна, обединета и во мир.

Вежбата „Брз одговор 23“ е дел од серијата вежби „DEFENDER EUROPE 23”, организирана од Командата на Армијата на САД за Европа и Африка.

„Брз одговор 23“ ќе се изведува во 8 земји во регионот: Северна Македонија, Албанија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Словенија и Косово.