Кристијан Шмит најави пресметка со оние кои го негираат геноцидот и воените злосторства

Високиот претставник за Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, во понеделникот најави дека планира да дејствува решително за сите оние кои го негираат геноцидот извршен во Сребреница во 1995 година да се соочат со санкциите пропишани со закон.

Во текот на денот во Сребреница, Шмит учествуваше на конференција посветена на сеќавањето на трагедијата во Сребреница, организирана од Меморијалниот центар Поточари, а по тој повод изјави дека од масакрот во кој припадниците на војската и полицијата на босанските Срби убиле повеќе од осум илјади Бошњаци, во јули 1995 година, полошо е само кога се прават обиди да се минимизира обемот на ова злосторство.

„Ќе работам на тоа да бидат преземени правни чекори против сите оние кои го негираат геноцидот и кои продолжуваат по тој пат“, рече Шмит во Сребреница.

Тој најави и дека главниот обвинител на Баварија и неговите соработници ќе дојдат на централната комеморација по повод 28-годишнината од геноцидот што ќе се одржи во вторник во Сребреница, а сите се лица со долгогодишно искуство во случаите на негирање на нацистичкиот холокауст.

Претходникот на Шмит, Валентин Инцко, наметна измени во Кривичниот законик на Босна и Херцеговина во 2021 година, во пресрет на заминувањето на високиот претставник, со што е кривично дело негирањето на воените злосторства утврдени со пресуди на домашни или меѓународни судови.

За овие злосторства се предвидени казни од шест месеци до пет години, но во Босна и Херцеговина сè уште никој не е кривично гонет по оваа основа, иако највисоките функционери на босанските Срби, вклучително и Милорад Додик, продолжуваат да негираат дека е извршен геноцид во Сребреница.

„Немаше геноцид во Сребреница, туку беше извршено тешко злосторство“, е формулацијата која Додик постојано ја користи.

Обвинителството на БиХ објасни дека имаат проблем со формулацијата на измените на Кривичниот законик бидејќи предвидуваат затворски казни во случај негирањето на воените злосторства да има за цел „поттикнување насилство или омраза“ против припадниците на одредена етничка заедница, верска или расна група.

На конференцијата во Сребреница во понеделникот присуствуваше и извршниот потпретседател на Светскиот еврејски конгрес (WJC) Менахем Розенсафт, кој беше повод директорот на Меморијалниот центар Поточари, Емир Суљагиќ, лично да го изрази своето жалење пред учесниците и понуди извинување за фактот дека дел од неговите сонародници за време на Втората светска војна, учествувале во нацистичките единици кои извршиле злосторства против Евреите.

Истовремено, тој потсети на одговорноста на припадниците на злогласната 13-та СС „Ханџарска дивизија“ за воени злосторства, како и на фактот дека во редовите на усташките единици биле и тогашните муслимани.

Се извинувам поради тоа и се надевам дека ќе најдете простор за прошка во вашите срца“, изјави Суљагиќ пред Розенсафт и неговите колеги.