– Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба за време на средбата со специјалниот претставник на Кина за евроазиски прашања Ли Хуи изјави дека Украина нема да прифати никаков предлог за замрзнување на војната.
Кинескиот специјален претставник Ли Хуи на 16 и 17 мај беше во Киев, главниот град на Украина, каде што се сретна со министерот Дмитро Кулеба, соопшти украинското Министерство за надворешни работи.
За време на состанокот се разговараше за соработката меѓу Украина и Кина, како на билатерално ниво, така и во рамките на меѓународните организации.
„На средбата се разговараше и за начините за запирање на руската агресија“, се посочува во соопштението.
Министерот Кулеба детално го информираше Ли за принципите за враќање на одржливиот и праведен мир заснован врз почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.
„Кулеба нагласи дека Украина нема да прифати ниту еден предлог што предвидува губење на нејзината територија или замрзнување на војната“, се вели во соопштението.
Тој го насочи вниманието на важноста на учеството на Кина во спроведувањето на мировната формула на Украина, Иницијативата за црноморското жито, обезбедувањето нуклеарна безбедност и другите важни меѓународни напори.
Страните разговараа за долгорочните перспективи за развој на билатералните односи меѓу Украина и Кина, при што беше констатирано дека Кулеба и Ли се договориле да го забрзаат дијалогот за клучните прашања.