Курти: Жално е што БиХ не го ратификува договорот за движење со лични карти

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека е жално што Босна и Херцеговина не го ратификувала договорот за движење само со лични карти, со што би се укинал визниот режим меѓу Косово и Босна и Херцеговина.

На панелот насловен „Берлински процес: досегашни достигнувања, очекувања од претстојниот самит и можни придобивки од регионалните иницијативи за заеднички пазар“, организиран од Приштинскиот институт за политички студии (ПИПС) и ХД-Центарот за хуманитарен дијалог, Курти оцени дека трите договори за мобилност постигнати во декември минатата година во рамките на Берлинскиот процес се голем скок за регионот.

Тој потсети дека се работи за договори за движење само со лични карти во Западен Балкан, признавање на високообразовни квалификации и стручни квалификации за доктори на медицина, стоматолози и архитекти.

Косовскиот премиер рече дека Владата на Косово има јасен став за регионалната соработка, која мора да се заснова на еднаквоста на страните и европските стандарди.

Тој посочи дека регионалната соработка не е замена за евроинтеграциите, туку е комплементарна на тој процес.

Курти рече дека Косово е првата земја што ги ратификува сите три договори во Собранието, но 13 дена пред новиот самит на Берлинскиот процес во Тирана тоа не го направиле сите земји од регионот.

„За жалење е што Босна и Херцеговина усвои само два од трите договори, кои не го вклучуваат клучниот договор за слобода на движење со лични карти. За граѓаните на двете земји е важно да се укине визниот режим меѓу нашите земји. Од јануари 2024 година, граѓаните на Косово ќе можат слободно да се движат во земјите на Европската унија, но се уште не е сигурно дали граѓаните на Косово и Босна и Херцеговина ќе можат да патуваат без визи во едната или другата земја“, рече Курти.

Премиерот оцени дека за вистинска регионална соработка и економска интеграција е неопходно шесте земји од Западен Балкан да напредуваат во демократијата, од кои повеќето го имаат овој приоритет, но не сите.

„Додека седиме на масата за дијалог во Брисел и на Самитот на Берлинскиот процес за постигнување договор за иднината, како што видовме пред една недела, Србија работи на воени планови за анексија на нашата територија. Тоа покажува дека нашиот северен сосед не е заинтересиран за регионална соработка за членство во ЕУ“, нагласи Курти.

Берлинскиот процес, започнат во 2014 година, служи како меѓувладина платформа за зголемување на регионалната соработка во Западен Балкан и промовирање на ефикасна соработка меѓу ЕУ и регионот.