Курти: Засилувањето на КФОР да се насочи кон заштита на границата со Србија

Косовскиот премиер Албин Курти денеска разговараше со командантот на мисијата на НАТО во Косово (КФОР), генерал Озкан Улутас за безбедносната ситуација во земјата по терористичкиот напад на 24 септември во Бањска, кај Звечани.

Курти посочи дека овој терористички напад укажува на потребата од зголемена безбедност на границата меѓу Косово и Србија, соопшти Владата на Косово.

„Во Србија е произведено поголемо количество запленето воено оружје и муниција. Дури и борбените вежби на паравоените формации кои вршеа терор и убиства во Бањска, кај Звечани, се вршеа во Србија. Косово ја нема таа јурисдикција, затоа е потребна меѓународна истрага за подготовките во Србија, снабдување и оркестрирање на овој напад“, рече Курти.

Косовскиот премиер го поздрави зголемувањето на бројот на војниците на КФОР, наведувајќи дека ова зголемено присуство треба да биде насочено кон заштита на границата меѓу Косово и Србија, каде што оружјето влегло и од каде доаѓа опасноста за Косово.

„Чувањето на границата значи и затворање на дивите патишта, поради што е неопходна поголема соработка со косовската полиција“, рече Курти.

Тој рече дека е заинтересиран за цврста соработка, чести средби и редовна комуникација со командантот на КФОР.

Тој ја нагласи потребата од обезбедување редовни услуги од косовските институции за граѓаните на северот на Косово и дека мора да се гарантира слободата на движење.