Курти изрази жалење поради неподготвеноста на Србија за договор за гласањето на Србите

– Премиерот на Косово, Албин Курти, и заменик-премиерот, Бесник Бислими, разговараа со амбасадорите на земјите на Квинта и Европската Унија (ЕУ) за барањето на Србија на територијата на Косово да се гласа за парламентарните избори во Србија.

Владата на Косово соопшти дека премиерот Курти нагласил дека за тоа прашање веќе го известил ОБСЕ и дека за организирање гласање надвор од Канцеларијата за врски на Србија во Приштина е потребен меѓудржавен договор и барањето за таков договор задолжително треба да дојде од Србија како заинтересирана страна.

„Тој изрази жалење поради неподготвеноста на Србија за ваков договор што на граѓаните на Република Косово, кои имаат и српско државјанство, ќе им овозможи да учествуваат на изборите според најдобрата европска меѓудржавна практика за гласање во странство“, се наведува во соопштението.

Петар Стано, портпарол на Европската Унија, во средата изјави дека разочарува тоа што косовските власти повторно не ја дозволиле воспоставената практика на косовските Срби да им се овозможи да гласаат во Косово за српските парламентарни избори со помош на ОБСЕ. Според Стано, одлуката не е во согласност со духот за дијалог.

Парламентарните избори во Србија се закажани за 17 декември.