Хамас: Израел нема да успее во тоа што не успеа ни во претходните 50 дена

– Откако израелската армија утринава повторно почна со нападите врз Газа, Хамас соопшти дека Израел нема да успее во тоа што не успеал ни во претходните 50 дена.

Членот на Политичкото биро на Хамас, Изат ал Ришк, издаде писмена изјава откако Израел продолжи со нападите по завршувањето на „хуманитарната пауза“ во Газа.

„Со одлучноста на нашиот народ и херојството на нашиот отпор ние им се спротивставуваме на злосторствата на непријателот, на обновувањето на нацистичката агресија и нејзиното таргетирање на цивили“, се вели во соопштението на профилот на Хамас на Телеграм.

Истакнувајќи дека отпорот кон израелските напади ќе продолжи, Ришк додаде:

„Израел, со продолжувањето на своите напади, нема да може да го постигне тоа што не можеше да го постигне во 50 дена пред прекинот на огнот.“

Утринава заврши „хуманитарната пауза“ што, како дел од договорот меѓу Израел и Хамас, стапи на сила во петокот на 24 ноември во 8 часот.

​​​​​​​По завршувањето на „хуманитарната пауза“ израелската војска продолжи со нападите врз Појасот Газа.