Курти: Имам коректни односи со Рама, ние не сме виновни за одложената седница на двете влади

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека со неговиот албански колега Еди Рама има коректни и добри односи, но дека тоа не значи дека не можат да се критикуваат, бидејќи „критиката е дел од демократијата”.

– Имаме коректни,  добри односи. Станува збор за институционални одговорности кои ги имаме, но и политички и национални, но тоа не значи дека не се критикуваме или дека никогаш немаме несогласувања за ништо. Сметам дека критиката е дел од демократијата и таа треба да биде конструктивна, изјави Курти за тетовската локална телевизија „Коха”, јави агенцијата Балканвеб.

Курти го спомена и откажувањето на седницата на двете влади од страна на премиерот Рама.

– Штета што на 14 јуни во Ѓаковица не се одржа седницата на двете влади, која беше подготвувана со месеци, но не ја откажавме ние, напротив, ги направивме сите подготовки. Добро е што не треба да се чека наредна средба за потпишување на тие договори, што конечно, покрај Приштина,  ги потпиша и официјална Тирана, рече Курти.