Курти: Моментално не е време за седење, во Европа заканите се воени

Косовскиот премиер Албин Курти денеска во Атина учествуваше на панел организиран од „Економист“ на тема „Продлабочување на солидарноста: Како Европа да излезе посилна од сегашните геополитички превирања?“.

Курти во говорот истакна дека сегашниот момент бара непоколеблива поддршка на демократијата. Тој додаде дека „демократијата за нас е конкретна реалност, но и заканатите на автократиите, пред се на Србија, очигледно потпомогната од сојузништвото со Путин“.

Курти рече дека е горд на напредокот на Косово, без разлика дали се работи за економски раст, слобода на печатот, инвестиции во одржлива енергија или трансформативни реформи во социјалната заштита.

Тој додаде дека неговата влада не бара инвестиции по цена на нејзините принципи, туку го зајакнува економскиот развој преку борба против корупцијата и поттикнување партнерства со европските и американските компании, како и со компаниите од другите западни сојузници.

„Истото важи и за нашите безбедносни потреби“, рече Курти.

Истакна дека северниот дел на Косово е искористен како центар за трговија со дрога, шверцот на оружје и рударење со криптовалутите.

„Пред месец дена, на 24 септември агресијата која ја видовме кулминираше кога вооружени паравоени единици кои беа обучени во официјални воени бази во Србија влегоа во мојата земја и отворија оган на полицијата, убивајќи еден од нашите полицајци. Истовремено, Србија се ангажираше во, како што САД опишаа, воено трупање „без преседан“ долж границата“, рече Курти.

Понатаму истакна дека значајна количина на докази укажува на вмешаноста и планирањето на поголема инвазија од страна на самата држава Србија, „бидејќи ниту една група цивили не може да собере такво оружје и да го пренесе преку границите без, најмалку, премолчана поддршка од владата“.

Курти порача дека сега не е време за седење бидејќи заканата на Европа од авторитарните земји не е само идеолошка. Тој рече дека Србија „продолжува да ја зајакнува армијата, дури и добива залихи од нови извори, вклучително и неодамнешна пратка од Кина“.

Тој наведе дека на Западен Балкан постојат празнини кои дополнително се проширени со долготрајни и двосмислени процеси врзани за интеграцијата во ЕУ.

„Со оглед на настаните од изминатата година, мора експлицитно да се каже дека позиционирањето меѓу Брисел и Москва е ефективно еднакво на застанување на страната на Москва, истовремено злоупотребувајќи ја европската великодушност и помош за унапредување на агендата за заробување на државата. Ова служи како одличен пример за јазот со кој мора активно да се бориме“, рече Курти.

Како што е соопштено од Владата на Косово, Курти во текот на престојувањето во главниот град на Грција ќе има и билатерални состаноци.